Продолжуваат преговорите за Газа, реконструкцијата се уште не е на маса

Постигнат е напредок во спроведувањето на мировниот план за Газа поднесен од американскиот претседател Доналд Трамп, изјави синоќа американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.
– Првата фаза донесе напредок, вклучувајќи проширена хуманитарна помош, враќање на телата на заложниците, делумно повлекување на силите и намалување на непријателствата, напиша Виткоф на X, еден ден по разговорите со претставниците на Египет, Катар и Турција.
– Понатамошните консултации ќе продолжат во претстојните недели за да се унапреди спроведувањето на втората фаза, додаде тој.
Втората фаза од мировниот план за Газа вклучува реконструкција на разурнатата територија. Израел инсистира на тоа дека телото на последниот преостанат заложник, кој сè уште се држи во Газа по терористичкиот напад предводен од Хамас во 2023 година, мора прво да биде вратено – што е еден од условите утврдени во почетната фаза на планот.
Планот, исто така, повикува на разоружување на Хамас, кој изјави дека нема да се откаже од своето оружје.
Виткоф рече дека разговорите исто така биле фокусирани на мерки за олеснување на трговијата во регионот и развој на инфраструктурата.
– Во овој контекст, изразивме поддршка за воспоставување и операционализација во блиска иднина на Одборот за мир (Board of Peace) како транзициска администрација за цивилните, безбедносните и реконструктивните патеки на обновата, рече тој.
Создавањето на Одборот за мир е една од 20-те точки во мировниот план за Газа што го објави Трамп кон крајот на септември.
Според предлогот, со Газа привремено би управувал комитет од непартиски технократи, надгледуван од ново транзициско тело познато како Одбор за мир, со кој Трамп рече дека има намера да претседава.






