Продолжуваат протестите на приватните автобуски превозници

Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Најавија дека блокадите може да се прошират низ повеќе сообраќајни точки во Скопје.

– Како што најавивме, денеска автобусите се паркирани и ќе бидат тука се додека нема напредок од состојбава, односно да не викнат на разговори и да си договориме за динамиката за исплата на заостанатиот долг, да продолжат неделните уплати за да можеме да се вклучиме на линија, се со цел да не трпат граѓаните, изјави вчера за МИА Кемал Муриќ од Слобода превоз.

Во текот на вчерашниот ден, преку објава на социјалните мрежи, Слобода превоз упати  извинување до граѓаните на Скопје за попреченото  движење низ градот.

– Слобода Превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат подршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот, стои во пораката на Слобода превоз.

 

Граѓаните во меѓувреме, беа принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, имаше застој во поголемиот дел од сообраќајниците во главниот град, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.

 

Директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите кажа дека блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение.

Тој побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

 

Соопшти дека и до „Слобода превоз” вчера е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје, а на прашањето од МИА дали има едногласност од страна на приватните превозници дека нема да се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека Градот веќе им должи пари.

– Дали овие превозници на кои веќе им се должи четири месеци ќе се пријават на некој оглас и повторно четири месеци ќе работат и финансираат во бизнисот, за повторно градоначалничката да каже дека не ги исплаќа и да ја тужат. Како може да има јавен повик и да очекува некој да се приклучи на нешто што таа нема намера да го плаќа, изјави Јовановски и додаде дека „е комотна во тој дел бидејќи нејзе финансиски не и влијае тоа и можеби нема да биде градоначалник кога ќе се реши проблемот”.

Заклучи дека приватните превозници одлучно остануваат на протест, ако е потребно ќе ги повикаат и своите деца со цел да допрат до градоначалничката и таа да види дека немаат да им обезбедат соодветен оброк за на училиште.

Град Скопје и градоначалничката Арсовска вчера не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници.

 

Премиерот Димитар Ковачевски од друга страна, обвини дека хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е, како што рече, само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски.

 

– Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје, рече Ковачевски на вчерашната прес-конференција.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, апелираше да се седне и да се разговара со оние кои протестираат, а, како што истакна, граѓаните да не бидат заложници на политички субјекти кои се скарани

-Ги разгледуваме сите можни опции, меѓутоа освен разговор со оние кои протестираат нема друга опција, изјави вчера Спасовски, посочувајќи дека кога станува збор за протест или јавен собир доаѓа до судир на правото на слободно движење и правото на протест.

Приватните автобуски превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Александар Стојковски, минатата недела во интервју за МИА рече дека долгот го наследил и оти треба да биде подмирен. Но, истовремено спомена дека според последните анализи приватните превозници во последните пет години не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа, како што кажа, е нивна обврска според членот 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници.

Back to top button
Close