Продолжуваат руските напади на украинската клучна инфраструктура, над 30 000 корисници останаа без струја во Харков
Руските сили продолжуваат со нападите на украинската енергетска инфраструктура, поради кои десетици илјади корисници се оставени без електрична енергија.
Во последниот напад, цел на руските сили бил регионот Харков, кои бил гаѓан со наведувани ракети, а оштетувањата на клучната инфраструктура предизвикале прекин на снабдувањето со електрична енергија на 30 000 корисници во три области, соопштија локалните власти.
Управителот на градот Харков, Олег Синехубов на апликацијата за пораки Телеграм напиша дека дека руските сили користеле наведувани бомби за да ги нападнат областите Немишљански и Слобидски на југоисток и областа Шевчекински на север од градот.
Градоначалникот Ихор Терехов, во интервју за локална телевизија, изјави дека три бомби ја оштетиле болницата во градот и погодиле далноводи.
Тој наведе дека четири лица се повредени, повеќето од парчиња стакло од прозорниците на болницата, а дел од пациентите се префрлени на други одделенија.
„За жал, болницата е доста оштетена и внатре имало пациенти. Четири лица се повредени, а околу 200 прозорци се скршени“,рече Терехов.
Руските напади на Украина главно се насочени врз енергетската инфраструктура на земјата, а целта, како што наведуваат властите во Киев е таа да се онеспособи пред претстојната зима, како што беше случај во изминатите три и пол години од војната.
Масовниот напад врз Киев и други украински градови минатата недела привремено остави повеќе од еден милион домаќинства и бизниси без електрична енергија низ целата земја. Исто така, беше нарушено снабдувањето со вода.
Во меѓувреме, Првиот корпус на украинската национална гарда „Азов“ објави дека одбил нов обид на руските сили да напредуваат во близина на градот Добропиља во регионот Донецк.
Објавата доаѓа откако руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека неговите сили зазеле две нови села на пат низ источна Украина – едно во регионот Донецк, а другото во близина на Купјанск на североисток, град кој во голема мера е уништен во повеќемесечните напади.
„Непријателот повторно се обиде да изврши механизирани напади врз позициите на украинските одбранбени сили во зоната на одговорност на Првиот корпус „Азов“. Непријателот го започна нападот со 16 единици тешки оклопни возила (БМП, МТЛБ, тенкови). Како резултат на одбранбените акции, уништени се девет пешадиски борбени возила, четири оклопни транспортери, три тенка и три мотоцикли. Нападите се случија во насока на населбите Мирноград и Разино. Главните напори на непријателот беа насочени кон освојување на населбата Шахов“ се вели во објавата на Првиот корпус „Азов“ на Телеграм.
Во соопштението се тврди дека руските сили изгубиле 78 војници во одбиениот напад.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и други функционери, исто така известија за успесите на војската околу Добропиља, во близина на клучниот логистички центар Покровское.