Продукцијата на режисерот Милчо Манчевски негира дека незаконски работеле и ја пријави за корупција Агенцијата за филм
Продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски демантира дека биле утврдени неправилности во работењето, откако Агенцијата за филм пред неколку дена соопшти дека поднеле кривична пријава против продукцијата бидејќи инспекција од Министерството за култура утврдило недоследности при вршење исплати со буџетски средства и недостаток на финансиски извештаи.
„Агенцијата за филм лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на ‘Банана филм’, за да го дефокусира вниманието од нејзиното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции“, соопшти „Банана филм“.
Според продуцентската куќа ниеден надлежен орган не утврдил неправилности во работата на „Банана филм“ и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против неа.
„Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април годинава, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор. Записникот вели: ‘Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност’“, стои во соопштението на продуцентската куќа.
„Банана филм“ потсетува дека инспекцијата на Министерството за култура ја разгледувало нивната работа по барање на Агенцијата за филм.
„Ги повикуваме медиумите и јавноста да побараат коментар од самото Министерство или да го побараат записникот од инспекцискиот надзор и да заклучат на дело како Агенцијата лаже. Филмовите на „Банана филм“ се резултат на меѓународни копродукции и поминуваат со позитивни оценки низ домашни и странски ревизии, како и на паневропскиот фонд Еуримаж, и низ инспекција на Министерството за култура“, тврдо „Банана филм“
Продуцентската куќа тврди дека има позитивен извештај за сите нивни филмови и дека групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм пласира лага за наводни неправилности во „Банана филм“ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси.
„Оваа кривична пријава е поднесена за да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата, кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на ‘Банана филм’ за завршениот филм ‘Кајмак’ кој од лани со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на „Банана филм“, ‘Биста’, кој лани беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на Агенцијата“, стои во соопштението на „Банана филм“.
Според продуцентската куќа Агенцијата за филм пласира лага за нив за да се одвлече вниманието на јавноста за извештајот за работа на самата Агенција од Државниот завод за ревизија.
„Во овој извештај е изразено неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм, со бројни наоди за незаконска работа. Потоа со извештајот на Транспаренси Интернешнал Македонија во кој има наоди за судир на интереси и концентрација на моќ, со извештајот на Министерството за култура кое има негативно мислење по Годишните извештаи за работа на Агенцијата , извештајот на инспекцијата при Министерството за култура кое констатирало судир на интереси во Агенцијата, но и дека Антикорупциската комисија активно ја истражува работата на Агенцијата и ДФРМ и дека лани заклучи судир на интереси. Сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет“стои во соопштението на продукцијата. .
Од продукцијата потенцираат дека Манчевски изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.
„Правниот тим на ‘Банана филм’ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, како и за попречување на нашата професионална работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција. Ја повикуваме Владата, откако ќе ги разгледа негативните извештаи за работата на Агенцијата за филм да ги разреши директорот и Управниот одбор поради бројните негативни оценки од релевантните институции, а Обвинителството го повикуваме да отвори истрага против нив“, стои во соопштението на “Банана филм“.