Проекција на седум кусометражни филмови според сценарија на македонски писатели во „Мирно лето“ на „Кинотека“
Проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели ќе се реализира вечер со почеток од 20 часот во летното кино „Мирно лето“ на „Кинотека“, информираат од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 година, по сценарио и во режија на Славко Јаневски, „Твојот роденден“ од 1961 година, по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ, „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 година, по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ, „Давид, Голијат и петел“ од 1960 година, по сценарио и режија на Славко Јаневски, „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 година, по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски, „Човекот во црно“ од 1970 година, по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 година, по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
– Проекцијата е организирана од Кинотеката на Република Северна Македонија, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ, додаваат од ДПМ.
Фото: Друштво на писатели на Македонија