Проект „Побезбедни патишта во руралните средини за велосипедисти и пешаци”

Наставниците од ООУ „Петар Поп Арсов” од село Богомила во подрачното училиште во село Извор го спроведоа проектот „Побезбедни патишта во руралните средини за велосипедисти и пешаци”, во соработка со здружението „Еко логик” и унгарското здружение „Бринга академија” со поддршка од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, во рамките на Еразмус +.

Професорот Николче Ристовски, еден од координаторите на проектот, за МИА изјави дека целта на проектот е побезбедни патишта во руралните средини за патување на учениците од нивните домови до училиште и назад.

Тој информира дека едукатори на наставниците биле претставници од двете здруженија.

– Од страна на партнер здружението на проектот „Еко логик” беа презентирани два документа кои се во фаза на изработка, првиот е обука за возрасни, а вториот програма за изборен предмет. Беа детално презентирани темите и истите беа разгледани од страна на сите учесници и се водеше дискусија. Во вториот документ беше презентирана демо верзија на програмата за изборен предмет Побезбедни велосипедски патеки каде споделивме наши искуства при креирање на истата програма. Од другото партнер здружение „Бринга академија” изнесоа примери за добри практики и позитивното влијание врз учениците од руралните области во нивната земја, појасни Ристовски.

Тој информира дека на крајот од работната средбата се дискутирало и се поделиле идните задачи и временска рамка за нивна реализација. По дискусијата се утврдила и идната средба која ќе биде реализирана кај партнер здружението „Бринга академија” во Унгарија.

Воедно во соработка со претставници од велешкото здружение „Велес Бајкинг” се реализирале и две активности со вклучување на учениците од подрачното училиште во село Извор.

Ристовски информира дека во првата активност, велосипедистите од велешкиот клуб „Велес Бајкинг” Никола Несторов и Зоран Јаневски преку играта меморија ги запознале учениците со составните делови на велосипедот.

Вториот дел се состоел од демонстрација правилна возење на велосипед и употреба на заштитната опрема и М-проверка на велосипедот пред поаѓање, а со цел за нивно безбедно возење.

– Тоа е важно бидејќи носењето заштитна опрема и проверка на велосипедот пред секое возење значи и безбедно возење, односно заштита на велосипедистите од повреди, па и во некои случаи и заштита на нивниот живот, појасни Ристовски.

Тој информира дека од страна на велосипедистите од „Велес Бајкинг” биле поставени полигонски вежби за велосипедисти кои учениците успешно ги реализирале.

Воедно по завршување на активностите на сите учесници им се доделени благодарници за учество на оваа едукативна работилница од областа на сообраќајот.

Како што најави Ристовски, по завршување на проектот во март 2023, од страна на тимот на наставници вклучени во него ќе биде изготвена програма за вклучување на нов изборен предмет во нивното основно училиште Побезбедни велосипедски патеки.

– Истиот ќе се тестира во нашето училиште и се надеваме дека ќе биде одобрен од надлежното Биро за развој на образование и дека потоа ќе биде воведен во нашата настава од идната учебна година, најави Ристовски. а

Back to top button
Close