Проф. Даниловски: Не прифаќам членување во комисијата, останувам со автономен и независен статус како и досега

Денес повеќе медиуми пренесоа информација, дека партијата ЛДП, ќе ги предложи професорите Драган Даниловски и Никола Пановски да бидат членови на комисијата за заразни болести..

По тој повод, на социјалните мрежи, се огласи нашиот водечки епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски:

„Денес претпладне, на медиумите, како што се „Лидер“, „Скопје инфо“, „Фокус“, „Република“, „Либертас“, „24Инфо“, кои се повикуваат на информација од „Нова ТВ“, осамнаа наслови „ЛДП предлага д-р Пановски и д-р Даниловски да влезат во Комисијата за заразни болести“.

Оригиналниот напис на „Нова ТВ“ почнува вака: „Либералдемократската партија предлага во Комисијата за заразни болести да членуваат д-р Никола Пановски и д-р Драган Даниловски, двајцата лекари кои неуморно во текот на последниве две години од почетокот на пандемијата алармираат и споделуваат совети и препораки за граѓаните и совреме предупредуваат на епидемиолошката состојба во земјава, дознава Нова ТВ…“

Во ЛДП велат дека ако денеска на владината седница стане збор за новиот состав на Комисијата за заразни болести тие ќе ги достават своите предлози, но исто така ќе го информираат и новиот министер за здравство Беким Сали за нивниот предлог.

Потоа, се цитира оригиналната изјава на ЛДП, која гласи:

„Во Комисијата за заразни болести треба да членуваат стручњаци кои недвосмислено ќе можат да се носат со сите предизвици на ковид пандемијата и да предлагаат мерки за заштита на населението од заразни болести поттикнати пред се од епидемиолошката состојба во земјава, а не од какви било политички влијанија или калкулации, порачуваат од ЛДП.“

Од ова недвосмислено заклучувам дека авторот на написот С.М. (зошто само иницијали?), самиот си изведува претпоставка дека во изјавата изразот „стручњаци“ се однесува на проф. Пановски и мене.

Мислам дека ова е грубо кршење на новинарскиот етички кодекс. Безлична изјава се користи да се инсинуира нешто конкретно. Нешто што, нели, ќе предизвика голем интерес во јавноста. И ќе значи печалење кликови!

Како и да е, не навлегувајќи, во крајна линија, во тоа дали авторот со скриен идентитет поседува и некои други информации, вон цитираната изјава на ЛДП, врз основа на кои го составил својот сензационалистички текст, сакам да ја известам јавноста дека:

1. Никој никогаш од ЛДП не разговарал со мене дека планирале да ме предложат во Комисијата за заразни болести, ниту побарал моја согласност. Тоа е доволен индикатор дека С.М. од Нова ТВ не ја зборува вистината.

2. Дури и ако претпоставиме дека навистина од ЛДП имале намера да ме предложат, јавно изјавувам дека:

– Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде! Зошто?

Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна.

Арно ама, ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) и дури потоа формално да се прифатат од Владата. Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија.

– Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерот за здравство – но, пред сѐ, на граѓаните.

Back to top button
Close