Проф. Петрески: Владината мерка да се намали ДДВ-то на нафтените деривати е соодветна, но комуникацијата е значајно задоцнета
Владината мерка да се намали ДДВ-то на нафтените деривати од 18% на 10% е во основа соодветна, но комуникацијата е значајно задоцнета. Тоа е легитимна антикризна интервенција, затоа што директно ја намалува крајната цена и испраќа сигнал дека државата нема да дозволи целосно прелевање на надворешниот шок врз домашниот пазар. Но, проблемот е што ваквите мерки имаат најсилен ефект не само преку цената, туку и преку очекувањата, а таму реакцијата беше бавна, односно отсуствуваше појасна комуникација, а други политички чинители лиферуваа предлози за лукративни мерки кои се фискално неодржливи. Долго време немаше ништо во средината на таа комуникација која ќе ги управува очекувањата на разумен начин.

Интервју на Трилинг со Марјан Петрески, универзитетски професор
Трилинг: Како ги оценувате владините мерки?
Владината мерка да се намали ДДВ-то на нафтените деривати од 18% на 10% е во основа соодветна, но комуникацијата е значајно задоцнета. Тоа е легитимна антикризна интервенција, затоа што директно ја намалува крајната цена и испраќа сигнал дека државата нема да дозволи целосно прелевање на надворешниот шок врз домашниот пазар. Но, проблемот е што ваквите мерки имаат најсилен ефект не само преку цената, туку и преку очекувањата, а таму реакцијата беше бавна, односно отсуствуваше појасна комуникација, а други политички чинители лиферуваа предлози за лукративни мерки кои се фискално неодржливи. Долго време немаше ништо во средината на таа комуникација која ќе ги управува очекувањата на разумен начин.
Во вакви услови, кога има геополитичка неизвесност и силни медиумски пораки за раст на цените, луѓето лесно влегуваат во панично однесување. Тогаш не е доволно само да се донесе мерка, туку мора однапред да се каже по кое правило државата ќе реагира. Токму тука сметам дека Владата можеше подобро: не ад-хок, туку со јасна рамка, на пример дека при одредено ниво на светска цена или домашна малопродажна цена ќе донесе даночно или акцизно намалување.
Дополнително, важно беше веднаш да се објасни дека системот веќе има вграден механизам во Законот за акцизите. При високи берзански цени над одредени прагови, дополнителната акциза автоматски се намалува, што носи олеснување до околу 3 денари по литар. Во особено кризни услови, со владина одлука, постои и посилен механизам што може вкупно да амортизира и до 7 денари по литар. Значи, алатки постојат; прашањето е дали навреме се активираат и дали јавноста знае дека постојат.
Трилинг: Како конфликтот на Блиски Исток ќе се одрази во економско-финансиската состојба на Македонија?
Ефектот врз Македонија ќе дојде индиректно, но прилично јасно, преку три канали: ценовен, надворешен и финансиски.
Прво, тука е ценовниот канал. Македонија е увозно-зависна економија, па растот на нафтата, транспортот и логистиката значи увезен инфлаторен притисок. Еве веќе се гледа кај горивата, а доколку нафтениот шок потрае, тогаш во посилно сценарио преносни ефекти ќе се видат и кај храната, услугите и дел од индустриските инпути. Оценките на Finance Think се дека краткорочниот ефект, оној во рок од 1-3 месеци, врз општото ниво на цените е многу мал, околу 0.1% пораст на општото ниво на цени за секои 10% пораст на цена на нафта, додека долгорочниот ефект е позначаен, оној кој би се случил ако цената на нафтата се одржи висока да кажеме 2-3 месеца и подолго, и тој ефект се оценува на просечни 0.9%. Значи, ако цената на нафтата подолго се одржи за 30% повисока од преткризното ниво, проценетиот ефект врз вкупната инфлација е околу 2.5%. Тоа не е занемарливо влијание, но е далеку од ценовните движења кои ги видовме во 2022 и 2023 година.
Второ, надворешниот канал. Ако еврозоната забави поради поскапа енергија, Македонија тоа ќе го почувствува преку послаб извоз, пониска доверба и повнимателно инвестициско однесување. Европа денес е поенергетски диверзифицирана од порано, но таа диверзификација штити повеќе од физички недостиг на енегенти, отколку од ценовен шок. А токму ценовниот шок е она што најмногу ни значи нам.
Трето, финансискиот канал. Ако ФЕД и ЕЦБ останат попретпазливи и подолго ги задржат каматите релативно високи, тогаш и просторот за побрзо монетарно олабавување кај нас ќе биде ограничен, односно значајно ограничен. Тоа значи дека условите за финансирање ќе останат нешто построги отколку што се очекуваше пред Персиската ескалација.
Мојата оцена е дека конфликтот може да го нагризе растот, но не мора да го изеде, освен ако шокот прерасне во долготрајна и значајна ескалација. Базното сценарио е помалку поволен раст и нешто повисока инфлација, а не драматична криза. Но ако притисокот врз енергетските пазари потрае, ризикот од стагфлациски елементи секако расте.
Трилинг: Какви владини мерки се потребни за смирување на цените на горивата?
Тука би бил многу јасен: потребни се предвидливи, временски ограничени и фискално одржливи мерки, а не постојани и широки интервенции.
Прво, Владата треба да воспостави или комуницира јасна и однапред објавена формула на реакција. Реков, првичната реакција со ДДВто е соодветна, иако комуникациски задоцнета. Мора поинтензивно да се комуницираат заштитните механизми од Законот за акцизите. Таков пристап е подобар од ад-хок одлуки, затоа што ја смирува паниката и ги стабилизира очекувањата. Со други зборови, за смирување на цените не е доволна само фискална интервенција. Потребни се и јасна комуникација, предвидлив механизам и доверба дека државата нема да дозволи паника.
Второ, Владата треба да внимава евентуални други мерки кои би следувале да не бидат прешироки и предолги. Општите даночни олеснувања имаат смисла како краткорочна стабилизација, но ако траат долго, тие стануваат скапи, го јадат фискалниот простор и може да испратат погрешен сигнал дека секој ценовен шок ќе биде целосно покриван од буџетот. Значи, ако кризата трае, таргетирани мерки кои ги адресираат животните потреби на ранливите домаќинства, индивидуи и фирми треба да бидат на сцена. Претходната криза со цените на храната и енергијата (2022-23) не’ подучи дека линеарни мерки драматично брзо го јадат фискалниот простор, и тој сега е многу ограничен. Оценките на пакетите мерки во текот на кризата предизвикана од конфликтот во Украина, кои ги направи Finance Think, покажаа дека како се одеше од линеарни мерки во првите пакети кон таргетирани мерки во подоцнежните пакети, така ефектите за животниот стандард се одржуваа, а фискалниот трошок за мерките значајно се консолидираше.
Трето, исто така претходната криза со цените – генерално во сегментот храна – ни покажа дека инструментите на контрола мора да бидат во полна сила, за да не настане злоупотреба од страна на одредени алки во синџирот на снабдување. Фирмите реагираат на тој начин што шокот од трошокот за енергенти го пренесуваат на потрошувачите, но често и во поголем обем од обемот на самиот шок. Кризно профитерство не треба да дозволат инспекторатите и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Трилинг: Каква е финансиската отпорност од налетот на нови ценовни шокови?
Финансиската отпорност на Македонија би ја оценил како умерена, но не и комотна.
Од една страна, имаме одредени заштитни фактори. Банкарскиот систем е особено стабилен, монетарната политика е претпазлива и добро поставена, а и од претходната криза постои институционално искуство како да се дизајнираат пакети за поддршка, како што наведов и погоре. Исто така, ценовниот пренос од нафта кон општата инфлација на краток рок не е огромен; нашите претходни процени покажуваа дека 10% пораст на цената на нафтата краткорочно може да значи околу 0.1 процентен поен ефект врз вкупната инфлација, додека ако шокот потрае, тој ефект може да се искачи и на 0.9 процентни поени. Тоа значи дека економијата има одреден капацитет да апсорбира краток удар.
Но, од друга страна, отпорноста не треба да се преценува. Македонија е мала и увозно зависна економија, со ограничен фискален простор за долги и скапи интервенции, кој е особено поограничен споредено со пред Кризата со цените на храната и енергијата (2022) и особено со пред Пандемиската криза (2020). Во најсилното сценарио, ако шокот стане перзистентен, ударот нема да биде само врз инфлацијата, туку и врз буџетот, реалните приходи, деловните трошоци и растот. Тогаш прашањето веќе не е само дали можеме да амортизираме еден удар, туку колку долго можеме да го правиме тоа.
Затоа би рекол: отпорност има, но е доволна за краток до среден шок; за подолг шок потребна е многу попрецизна и таргетирана политика.
Трилинг: Какви сет на социјални мерки се потребни за да се заштитат граѓаните?
Најважната поука од претходната енергетска криза е дека социјалната заштита мора да биде таргетирана, а не линеарна.Прво, приоритет треба да имаат најранливите домаќинства: приматели на гарантирана минимална помош, домаќинства со низок доход, самохрани родители и семејства со висок енергетски товар. За нив најсоодветни се директни и временски ограничени трансфери, ваучери за енергија или дополнителна поддршка преку постојните системи на социјална заштита.
Второ, мерките треба да бидат брзи и административно едноставни. Во криза, нема многу корист од совршено дизајнирана мерка ако таа доцни. Подобро е да се искористат постојните регистри и канали на исплата отколку да се создаваат нови, сложени механизми.
Трето, важно е да се заштити и долниот дел од средната класа, особено домаќинствата што формално не се сиромашни, но се многу изложени на раст на горива, транспорт и храна. Токму тие често не влегуваат во класичните социјални програми, а сепак трпат силен удар.
Четврто, покрај паричната поддршка, треба да се размислува и за мерки за намалување на енергетската ранливост, како субвенции за енергетска ефикасност, подобра изолација, поефикасни системи за греење и поддршка за домаќинства со високи трошоци за енергија. Тоа е поважно на среден рок, но токму така се гради отпорност за следниот шок.
Мојот став е дека најдобар сет мерки би бил: краткорочна директна поддршка за ранливите, временски ограничена заштита за дел од средниот слој, и без широка и скапа субвенција за сите. Така се штити животниот стандард, а не се троши непотребно фискалниот простор. Во моментот проценувам дека е рано за вакви мерки, но тие треба да се во подготовка и прецизно да се процени нивниот тајминг доколку енергетскиот шок перзистира и ако во крајна линија почне да се пренесува пошироко.






