Професорите Каневчев и Калајџиев и новинарот Димовски дел од Комисијата за помилување што ја оформи претседателката Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување.
За претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Методија Каневчев, а за членови на Комисијата се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.
„При изборот и именувањето на членовите на Комисијата за помилување претседателката Сиљановска Давкова се водеше по критериумите за стручност, компетентност и конкурентност. Именуваните членови се истакнати експерти и познавачи од областа на правото“се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката.
Помилувања од Сиљановска-Давкова беа споменувани уште во текот на предизборната кампања. На еден од јавните настапи тогаш таа кажа дека од позиција на претседателка би ги помилува осудените од 27 април, кои се осудени за упадот во Собранието.
„Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија“кажа, меѓу другото, Сиљановска-Давкова во април годинава.