Професорот Прешова за оставката на Ристоска: Ова е пораз на системот, ваква одлука е изнудена

 


Редовниот професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Денис Прешова, по повлекувањето на Ленче Ристоска од Обвинителството, оцени дека поднесувањето оставка од професија во која е вложен значителен труд и време е една од најтешките животни одлуки, која најчесто е резултат на притисок и чувство на безнадежност.

„Поднесувањето на оставка и повлекување од професијата во која сте вложиле многу време, труд и енергија веројатно е една од најтешките одлуки кои еден човек ги носи во животот. Обично ваква одлука е изнудена или присилена, таа доаѓа од чувството на безнадежност и очај“, наведува Прешова.

Тој посочува дека во такви околности, поединецот се наоѓа пред избор – дали да остане во системот или да го зачува сопствениот интегритет.

„Човек е поставен помеѓу тоа да се откаже од сето вложено, љубовта кон професијата, или да остане чист пред себе и едноставно да се повлече со цел да си го зачува достоинството и интегритетот одбивајќи да биде претопен во сивилото“, додава Прешова.

Според него, ваквата одлука не зборува само за личноста што се повлекува, туку уште повеќе за системот кој довел до таков исход.

„И ова колку што говори за личноста која се повлекува и ја поднесува оставката, можеби повеќе говори за системот кој на вакво нешто ја натерал и кој не дозволува двете да бидат помирени“, оценува тој.

Професорот е критичен и кон функционирањето на институциите, нагласувајќи дека во систем кој декларативно се повикува на самостојност, изостанува реакција на случувањата.

„Во систем кој се ‘колне’ во самостојност и автономија, особено кога треба да се бараат пари, а нема да се најде ниту еден јавно да реагира на сите случувања… не можете ништо друго да очекувате освен послушност и кооперативност со политиката и центрите на моќ“, вели Прешова.

Тој додава дека ваквата состојба директно им штети на државните интереси, а изостанува и поддршка од меѓународниот фактор.

„Веројатно на иста линија би одела и забелешката кон ‘меѓународната’… бидејќи не видов било кој јавно да се заложи макар и во име на самостојноста и владеењето на правото“, наведува Прешова.

Во својата анализа, тој ја истакнува и потребата од поширока реакција внатре во системот.

„Борбата на Ленче во изминатиов период… ја гледам низ призма на поттикнување и некој друг од редовите на обвинителството и правосудството да најде за сходно да крене глас и да покаже интегритет“, оценува професорот.

Прешова посочува дека поединецот тешко може да го промени системот сам, но дека група на интегритетни професионалци може да создаде промени.

„Поединецот не го менува системот… но тоа можеби можат да го сторат група на поединци која ќе биде доволно влијателна и истрајна“, додава тој.

Тој предупредува дека без такви промени, системот ќе продолжи да губи квалитетен кадар.

„Се додека индиферентноста и сопствениот интерес не бидат потиснати од чувството и желбата за правда, ние ќе продолжиме да го губиме добар кадар“, заклучува Прешова.

Според него, ваквите оставки се порака и до оние кои остануваат во системот – дека без суштински промени, професионалците ќе бидат демотивирани или ќе се повлекуваат.

Back to top button
Close