Професорот Трајковски со жестока критика за ветерниот парк на Алказар Енерџи: Бараме објава на целата документација, преиспитување на договорот

Наместо долгорочна енергетска стратегија и евтина струја за граѓаните – брз профит за „Алказар Енерџи“
Во последниве денови, јавноста беше информирана дека странскиот инвестициски фонд „Алказар Енерџи“ започнува со изградба на голем ветропарк во околината на Штип. Оваа најавена инвестиција беше претставена од страна на Владата како обична странска директна инвестиција, наводно без потреба од посебни закони или формални постапки, со што веднаш се отворија бројни прашања за нејзината законитост, транспарентност и стратешка оправданост.
Секој сериозен проект за изградба на енергетски капацитет, особено обновлив и со толкави димензии, мора да помине низ законски предвидени процедури. Според важечките закони, неопходна е изработка на студија за оцена на влијанието врз животната средина, која вклучува јавна расправа и консултации со засегнатата јавност. Освен тоа, неопходна е соодветна урбанистичка согласност, одобрение за градба, како и лиценцирање од Регулаторната комисија за енергетика. За користење на ветерната енергија како природен ресурс, потребна е концесија или договор со државата. Сето ова мора да биде придружено со активно вклучување на локалната самоуправа и локалното население. Но пред се, не видовме никаква кост-бенефит анализа, туку само груба и самоволна политичка одлука за раздавање на националните ресурси.
Во конкретниот случај, не постојат објавени документи што потврдуваат дека било кој од овие чекори е исполнет. Владата не објави никаква студија, нема информации за јавно објавен урбанистички план за таа локација, а не е јасно ниту дали инвеститорот добил соодветна лиценца или концесија. Со оглед на тоа што ветропарковите се објекти од особено значење и се изградени на локации со ограничени ресурси – ветерните потенцијали не се достапни насекаде – загрижува тоа што државата, без конкуренција, наддавање и јавна постапка, ги отстапува најдобрите локации на приватни субјекти.
Ова не е само правно сомнително, туку претставува стратешка грешка со долгорочни штетни последици. Најдобрите ветерни локации во земјава се малубројни и драгоцени. Ако тие се дадат на странски приватни компании, Македонија ја губи контролата врз сопствениот енергетски потенцијал. Наместо да се користат за изградба на државни капацитети кои ќе обезбедат евтина струја за домаќинствата, овие ресурси ќе служат за остварување профит кој ќе биде извезен од земјата. Компанијата ќе ја продава струјата на регионални или европски берзи, а македонските граѓани ќе плаќаат уште повисоки цени од сегашните (преку 100, наместо сегашните 63 евра/MWh) и ќе останат надвор од добивката која природно им припаѓа. Освен тоа, државниот буџет ќе се лиши од важен извор на средства по основ на добивка, во време кога бележиме големи буџетски дефицити и секојдневно се повеќе се задолжуваме за непродуктивни цели.
Одлуката да се дозволи странска приватна сопственост над клучен ресурс, без јавна дебата, без документи и без план, открива и уште еден, можеби уште подлабок проблем: оваа власт нема визија за јавното добро и нема намера да вложува во сопствени енергетски капацитети. Наместо тоа, таа посегнува по најлесниот пат – продажба, отстапување, или доделување на природните богатства, под превезот на странска инвестиција. Повикувањето на тоа дека проектот нема да бара државни субвенции не го прави оправдан, бидејќи штетата не е само фискална, туку стратешка и системска.
Објектите од критичната инфраструктура и националното богатство не смеат да се третираат ако обична странска директна инвестиција (СДИ). Странските приватни компании со задоволство вложуваат во земји кои толку лесно се откажуваат од сопственото национално богатство, минерално или енергетско. Нашите власти секогаш го раздаваат профитабилното, а инвестираат и се задолжуваат за губитното, како на пример за брзата пруга – и тука лежи основата на недомаќинското работење и нашиот неуспех како држава. Без никаква потреба, доброволно влегуваме во неоколонијален однос и тоа кон странски приватни компании.
Не треба да се исклучи и опасноста од клиентелистички односи во позадина на целиот процес. Недостигот на транспарентност, изостанатата јавна расправа и брзината со која проектот е „истуркан“ оставаат простор за сомнеж во политички договори склучени зад затворени врати. Наместо конкурс, план, стратегија и рамноправност, јавноста дрско и насилно е ставена пред свршен чин и добива договор чии детали се кријат.
Власта се фали дека имала капацитет да води големи проекти, иако во стварност се работи токму за спротивното: поради неспособност им ја препушта иницијативата и теренот за богатење на странски берзански играчи. Самата нивна заинтересираност требало да им послслужи како сигнал дека токму тука лежи голем профит, а не во автопатиштата и пругите, за кои никој не се интересира.
Ова не е прв случај кога се отстапува од јавниот интерес во име на наводна инвестиција, која всушност и не е наша инвестиција и од која нема да имаме никаква екстра корист. Тоа што приватниот инвеститор ќе отвори нови работни места, ќе плаќа даноци и ќе обезбеди „зелена“ енергија не претставува никаква екстра придобивка, бидејќи истото би го постигнала и државата кога би инвестирала самата. Во ситуација кога државата е соочена со енергетска сиромаштија, иселување на младите и зголемени трошоци за живот, секоја одлука мора да се темели на правичност, транспарентност и долгорочна корист за граѓаните. Во овој случај, ништо од тоа не е присутно.
Затоа, целото население треба да постави прашања и да бара одговори: Кој ја додели локацијата? Дали имало јавна расправа? Каде е договорот со инвеститорот? Кој одлучил дека ова е во интерес на граѓаните? Ако ветерот од нашите полиња се претвори во струја, зошто ние како граѓани немаме пристап до неа по поволни услови?
Граѓаните имаат право да знаат, но и должност да го изразат незадоволството, па и да спречат штетна зделка, кога се продава нешто што им припаѓа. Ниту ветерот, ниту планините, ниту едно државно добро не смее да биде отстапено без консултација со оние што живеат на таа земја. Молчeњето значи прифаќање. А кога институциите молчат, граѓаните мора да прозборат.
Ова не е повик на конфронтација, туку на будност и достоинствен отпор. Бараме објава на целата документација, преиспитување на договорот, јавна стратегија за развој на обновливи извори во која државата мора да има активна улога, а граѓаните имаат бенефит. Ако не сега, кога? Ако не ние, кој?
Земјата, воздухот и ветерот не се приватна сопственост. Тие се општо добро. Нивната заштита е наша заедничка одговорност.