Прогласен за виновен и невин обесен
Почитувани читатели, изминаа полни 5 години од убиството на Еуостандард банка. Ме убија и мене. Ја барам правдата како Диоген човекот, цели 5 години.
Жално е тоа што, што сѐ повеќе се сомневам дека истата еден ден ќе ја дочекам. Не е само чувство туку факт дека живееме во држава заробена од криминал и корупција .
Во етерот се појавуваат колумни од т.н. Оштетени штедачи на Еуростандард банка кои пишуваат небулози, а официјално не се ни регистрирани како Здружение на оштетени штедачи.
Штедачите на Еуростандард банка се 100% обештетени. Денес нема необештетен штедач од Еуростандард банка, меѓутоа поединци кои се кријат зад овој неофицијален субјект, во јавноста уппрно промовираат лаги.
Очигледно е дека се работи за личности коишто не ги познавам. Можеби и ги познавам, но истите се кријат зад вакви текстови кои имаат цел да го заштитат криминалот и корупцијата кои владеат со нашето секојдневие.
Еуростандард банка е единствена банка во светот, на светско ниво, која не смеела да се носи во стечај. Небулозите за криминалот во Еуростандард банка и натаму раснат без никакви аргументи и докази.
Цели 5 години се чувствувам како невино обесен, токму од својата сакана татковина и од системот во кој што верував. Сакав да верувам .
Полни 5 години се води истрага против мене во Јавното обвинителство. Во изминатите 5 години само еднаш бев повикан на распит, кој повеќе личеше на кафеански муабет отколку трагање по вистината.
Цели 5 години имам замрзнат имот кој не смеам да го отуѓам и стопанисувам.
Системот кој што треба да го реши ова прашање и натаму молчи, бидејќи истиот е заробен од криминогените структури кои владеат со Македонија.
Згора на тоа, ваквите криминогени структури се присутни на социјалните мрежи. Напаѓани сме со моето семејство како криминалци и иницијатори за стечајот на Еуростандард банка. Небулоза до крај. На мојата држава и сограѓаните им имам подарено повеќе десетици милиони евра. Ставен сум во ист кош со останатите криминалци кои денес се симбол за успешност во нашата Македонија.
Невин обесен, но и понатаму осудуван дека сум виновен. За што сум виновен? Дајте ми една, повторувам една замерка за мојата љубов кон саканата татковина, моите пријатели и сограѓани. Љубовта и вербата кон татковина е искористивте за мое уништување.
Ве убедувам дека додека сум физички и ментално здрав , нема да ме убиете. Ќе продолжам со мојата борба, само што ми е мака што не сум во состојба, и јас и многумина како мене, да им понудиме на нашите деца и идни генерации удобен и безбеден живот.
Со вакви криминални потези како што беше стечајот на Еуростандард банка не се гради држава. Се разградува.
Разбудете се мои сограѓани. Не дозволувајте да владее криминалот кој ги ништи сите човечки вредности, стручноста и чесноста на посветените луѓе.
Трифун Костовски