Проклето комплицирана меѓународна политика

Проклето комплицирана е меѓународната политика. Русо еднаш напишал дека разбира по нешто од општествениот договор меѓу граѓаните на една земја да воспостават централна власт, но дека меѓународното општество на суверени држави му е  непознаница. Кај нас, пак, сите се разбираат во фудбал и во меѓународна политика. Малку знаат дека поведението на суверени држави раководени од свои интереси во услови на релативна анархија, се предизвик и за денешната политичка мисла и пракса. Како да се води меѓународна политика на држава како Македониј чија јавност, и после искуството со Грција, одбива да прифати една базична аксиома.

Имено, дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не на аспирантите. Дека просторот за маневрирање на аспирантот е онолкав колкав ќе му го дозволи сојузот на кој сака да му припадне. Дека во тие преговори не сме рамноправни. Како да се гледа на меѓународната политика каква што реално е а не каква сакаме да биде? Праксата се да се гледа низ призмата на правото и правдата, како што правиме ние, може да биде фатална за опстанокот на државата. Украина има право да избере на кој воен сојуз сака да и припадне и тргна во таа насока. Се соочи со свирепата реалност на меѓународната политика дека силата и интересите се крајниот арбитер во споровите меѓу државите. И не само тоа. Ставот на Русија дека таквата политичка опција претставува закана по нејзината безбедност го поништи меѓународното право. Како и да заврши конфликтот, сигурно е дека сите овие жртви,  страдања и разурнувања можеби ќе беа избегнати со една политика која ќе се раководеше од реалностите на моќта и на интересите а не од  правото.

Ако не можеме да разбереме и да прифатиме дека сојузите се грижат примарно за интересите на своите членки, не ќе можеме ни да ја разбереме позицијата на Макрон чија примарна грижа е единството на сојузот. Впрочем, тој и не крие дека примарниот интерес му бил да се земат предвид бугарските интереси, но и интересот на  аспирантот Македонија за почеток на преговори за членство. Македонската реакција најдобро ја опишува еден збор кој е толку во оптек деновиве „хистерија“. Но, кој да му објасни на народот? Политичари кои би се обиделе да го соочат јавното мислење со реалностите на меѓународната политика губат избори. Проклето комплицирана е меѓународната политика, а кога се сведува на манипулација со неисцрпниот резервоар на патриотизмот на граѓаните може да биде и проклетро опасна. Спасот на нашата држава, нација и јазик е да не останеме надвор од тековите на Унијата и да станеме дел од цивилизирана Европа. И уште едно проклетство на меѓународната политика: вистинска алтернатива немаме. Толкав е просторот за маневрирање на една мала држава во меѓународната политика, чии граѓани, ако им мислиме добро,  треба отворено да ги соочуваме со нејзините сурови реалности. Што се однесува до „хистеријата“ би рекол дека да и се лутиме не меѓународната политика е како да му се лутиме на времето, затоа што врне или сонце грее.

Денко Малески

Back to top button
Close