Проклетство

Почитувани читатели, денот кога ја пишувам оваа колумна е многу убав датум, 19.05.2025. Токму на овој ден ракометниот клуб Кометал-Ѓорче Петров пред 23 години ја освои титулата Европски шампион. Ова беше првата титула која емотивно допре до сите, ја разнежи севкупната популација на Република Македонија, бидејќи беше освоена по завршување на војната во 2001 година. Убеден сум дека тогаш не постоеше еден човек кој не го доживеа моментот на колективна среќа! Цела Македонија ечеше од среќа. Повеќе или помалку јавноста знае дека цели 15 години бев единствениот финансиер на Кометал-Ѓорче Петров. Тоа беше мојот личен порив да ѝ возвратам на мојата Македонија што ми даде образование и можност да успеам во мојот приватен живот како човек стопанственик. Со сиот стекнат капитал од мојот бизнис реализиран низ современиот западен свет преку чесна работа, со голема љубов и ентузијазам се вратив во мојата Македонија за да инвестирам во банки, осигурителни компании, земјоделски комбинати, фабрики и сл. само со една цел: да ѝ возвратам со љубов на мојата татковина.

Токму денеска, на овој свет датум за мене 19.05.2025 година, добивам 3 решенија од македонското судство во кои се одбиваат моите жалби како неосновани.

Јавноста мора да знае, дека преку моите адвокати имам поднесено повеќе десетици жалби поврзани со истрагата за стечајот на Еуростандард банка. Сите се одбиваат како неосновани.

Не само јас туку и целата јавност во нашата држава знаеме дека сите правни и физички лица, клиенти на Еуростандард банка во стечај, сите до еден се обешететени. Средствата и понатаму легнуваат во стечајната маса на Еуростандард банка. Самиот стечаен управник не знае што да прави со тие средства.

Цели 5 години се води истрага против мене!

Ете, против човекот кој повеќе од десетици милиони евра има донирано за ракометниот клуб Кометал-Ѓорче Петров, за да ја закитиме Македонија со титула, на која ѝ се радуваше цела нација. Цели 5 години ја барам правдата. Со ништо ѝ немам згрешено на мојата родна држава. Очигледно е дека стечајот на Еуростандард банка бил со умисла. Целта им била да бидам ставен на отсрел за нешто што во животот никогаш не сум можел ни да го помислам, а не да го направам.

Проклетство. Проклетството завладеа во нашите институции, судство и обвинителство. Луѓето коишто ги водат овие институции како да се под хипноза. Ништо не ги буди. Особено не гласот на разумот и правдата.

Почитувани читатели, во една еврејска мудрост е запишано: „Купувам имот од наследник, а не од тој што го создал”. Во целост го отсликува моето разочарување од мојата сакана Македонија.

Јас сум единствениот од моето семејство којшто води отворена битка правдата да излезе на виделина.

Денес, токму на денот кога ги подигнав трите решенија од нашиот суд, каде сум повторно одбиен, ме фати јанsа на сосема непоимлив и за мене неприфатлив начин, да влезам животински во канцеларијата на првиот човек на ова судство.

Се воздржав, бидејќи во мене и понатаму владее љубовта кон мојата татковина, кон моето семејство, кон моите сограѓани, но никако не можам да го разберам поривот на Македонецот за себеуништување.

Институциите ми го уништија бизнисот, ме казнија мене и моето семејство. Уште пострашно е што покрај мене и моето семејство, ,,изгореа” уште илјадници наши сограѓани кои можеа за себе да обезбедат подобар и поквалитетен живот.

Фирмите кои значеа живот за повеќе илјади вработени како што се: Еуростандард банка, Еуролинк, Еуролиенд, Култура, Негорски бањи и други, помалку или повеќе станаа минато.

Моето професионално животно искуство, стекнато надвор од Република Македонија, ме научи да верувам во институциите на државата. Сум работел во Русија, Чешка, Словачка , Полска, Австрија, Украина, и никогаш не сум имал никакви проблеми со институциите на системот.

Единствено што сѐ уште не можам да разберам е самоуништувачкиот порив на Македонецот.

Секој Македонец кој ќе пркне повисоко од останатите, ќе се издигне во било кој поглед, станува предмет на негативна селекција, како што вели проф. Венко Андоновски, напад и негово уништување. Против таквиот порив на национално ниво ќе се борам дур сум жив.

Тоа проклетство мора да го искорениме на национално ниво. Да си ја ослободиме државата од проклетијата.

Цели 35 години како независна држава ги изнедривме и длабоко ги вкоренивме во сите пори на нашето живеење, корупцијата и криминалот. Корупцијата и криминалот се имплементирани од највисоко до најниско ниво кај сите вработени во државните институции. Создадовме корумпирана и криминална државна администрација каде владее само личниот интерес на поединецот или групата.

Ја поддржувам актуелната Влада во нејзините напори да се справи со ова општествено зло. Не сум казнет само јас како личност, туку казнети се сите мои сограѓани, бидејќи со ваквото водење на државата амбисот е неминовен. Се плашам да помислам колку може да биде суров, трогателен и болен.

Методот за справување со ова општествено зло мора да биде посериозен и конкретен. Помина една година од формирањето на новата Влада. За жал, сѐ уште немаме никакви резултати од справувањето со ова општествено зло.

Јас продолжувам да се борам и да бидам на браникот на правдата.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close