Проклетство & Злоба
Почитувани читатели, во денешната колумна, редовно посветена на Еуростандард банка со умисла однесена во стечај, денес веќе минато, ќе се осврнам на еден сеприсутен феномен од нашето општествено живеење, а тоа е проклетството на злобата. За жал, сурова вистина која никнува и таму каде што не ја сееш.
Изминаа блиску 4,5 години од носењето на Еуростандард банка во стечај.
Целокупната стечајна постaпка се води далеку од очите на јавноста. Информациите кои ги добивам околу обештетувањето на правните и физички лица се многу штури и честопати неточни. Процентуално остануваат многу малку клиенти на банката, правни и физички лица, кои од различни причини не се обештетени до денес.
Вкупната сума на необештетени клиенти не ја надминуваат цифрата од 1 милион евра.
За состојбата на собраните средства во стечајната маса, информации немам. Очигледно е дека оваа, со закон пропишана постапка за стечај, може да трае до недоглед или поточно кажано сѐ додека има прилив на средства, кои што ќе ги стопанисува во дадениов случај стечајниот управник, за жал ќе трае уште. Досегашното работење на стечајните управници чини цирка 5 до 6 милиони евра средства собрани во стечајната маса или поточно кажано, средства на Еуростандард банка.
Експертите во банкарството потврдуваат дека со ваков низок процент на неисплатени обврски кон клиентите на банката и со толку многу потрошени финансиски средства на екипата која го води стечајот, БАНКАТА НЕ СМЕЕЛА ДА СЕ НОСИ ВО СТЕЧАЈ.
Деновиве бев сведок на две нешта кои ми ја отсликаа македонската реалност. Зборувам за македонската тегобна реалност.
Имено, моето семејство како мнозински акционер во Негорски бањи, поради стечајот на Еуростандард банка беше закочено во реализирањето на акциониот план каде што физиотерапевтскиот дел, заедно со базените во бањата требаше да порасне од 600м2 на 2.400м2, со најсовремна опрема во физиотерапевсткиот дел и со модерни базени, внатре и надвор.
Оваа инвестиција ќе им овозможеше на денешните пациенти и гости во бањата далеку поквалитетен третман во поглед на нивното здравје.
Јас изгубив. Но уште поголема е загубата на моите сограѓани кои што имаат нужна потреба од користење на бањско лекување за подобрување на нивното здравје. Станува збор за повеќе од десетици илјади пациенти и гости на бањата на годишно ниво! Изминаа полни 4 години. Во случајов губи Македонија и моите сограѓани.
Од друга страна, јавноста знае за Белгиската компанија ,,Ван Хол” која произведува автобуси и приколки за камиони. Сместена е во слободната зона Бунарџик. Нашата Македонија ја спаси уште пред 10 години и сѐ уште ја спасува од банкротство, давајќи субвенции во голем износ. Јавноста е свесна дека овие субвенции се собираат преку давачките на граѓаните во нашата држава.
Како да го разберам овој феномен од нашиот реален живот во Република Македонија?
Како инвеститор влегов со капитал донесен од ЕУ, ама не инвестирав во слободните зони, бидејќи се сметав и сѐ уште се сметам за горд граѓанин. Можам, но не сакам да стопанисувам и заработувам на грбот на моите сограѓани, инвестирајќи во слободните зони. Формирав силни правни субјекти во банкарскиот и осигурителниот сектор. И што постигнав со мојата лојалност и чесност кон државата, освен јадови и болка.
Спасуваме странски фирми, со субвенции од наш џеб, ги даваме ние граѓаните на државата, додека истовремено го уништуваме сопственото чедо.
Проклетство на злобата допрва ќе нѐ стасува! Сами против себе, полни со злоба другиот да пропадне. Двата збора се погрдни за општество какво што сакаме да градиме.
Вториот случај, кој што ме загрижува, е нефункционалноста на нашето општество. Објавена е црна листа на САД на која што се наоѓаат имињата на две високо позиционирани личности во политиката и судството во нашата држава, а тоа се господата Артан Груби и судијата Енвер Беџети. И замислете, првиот човек во Јавното обвинителство, господинот Коцевски, следниот ден објавува дека отворил истрага за овие две личности на основа принципот по допрен глас.
Веќе 4,5 години, секоја недела пишувам колумни со факти дека стечајот на Еуростандард банка е криминоген. Моите колумни не го имаат третманот на допрен глас во нашето обвинителство.
Полни 4 години се води истрага против мене и моето семејство. Замрзнат ни е сиот имот кој што не смееме да го отуѓуваме, ниту стопанисуваме.
Се променија повеќе Јавни обвинители, кои што го водеа овој предмет. Предметот и денес стои длабоко закопан во фиоките на ова обвиниелство, без намера или желба истиот да се разреши.
Повторувам, дали се работи за наше проклетство или злоба меѓу граѓаните во државата, последици во нашето секојдневие се страшни.
Допрениот глас од страна на САД за криминогени структури во државата веднаш е имплементиран. Мојот глас не вреди ни пет пари.
Ја поддржувам владата да истрае во нејзиниот приод кон искоренување на организираниот криминал и корупција од системот на државата. Судството и обвинителството се главниот стожер кој мора да биде ослободен од стегите на криминогените структури во државата. Процесот на вакво искоренување ни најмалку не е наивен или брз. Посветеноста на актуелната влада за искоренување на ова зло е единствениот услов да испаднеме од проклетието на злобата, длабоко вкоренета во нашето секојдневие
Tрифун Костовски