Промена во рестрикциите на водоснабдувањето во Тетово – прекин од 01 до 04 часот

Општина Тетово информира за нова промена во водоснабдувањето, односно дека рестрикциите ќе ги има во ноќниот период од 01 до 04 часот. Оваа информација следува откако во саботата на пладне известија дека од 13 до 15 часот ќе има рестрикција, а како причина наведоа дека прекинат е дотокот на вода од новиот систем од Лешница поради заматување на изворите, па не се доволни количините кои доаѓаат од стариот систем од планинските извори кои изнесуваат 160 литри во секунда.

– Веруваме дека проблемот со водоснабдувањето го нарушува Вашето секојдневие. Сепак, екипите се целиот ден на терен во обид што побрзо да го решат проблемот, кој напомнуваме, зависи од природните услови и моментални состојби. Рестрикциите продолжуваат од 01:00 до 04:00 часот по полноќ, за да се наполнат акумулациите. Утре водоснабдувањето се очекува да биде нормализирано и да нема прекини во текот на денот. Се извинуваме за денешниот ден и бараме разбирање од граѓаните! За секоја нова промена, граѓаните ќе бидат навремено известени, се вели во соопштението на Општина Тетово.

Иако за саботата беше најавено дека ќе нема вода од 13 до 15 часот, голем дел граѓани изјавија дека немале вода и по повеќе часови, а некои без вода останале во доцните попладневни и вечерни часови.

Во меѓувреме и ЈП за водовод „Шар“ информираше дека прекинот ќе трае до 21:00 часот во сабота поради интервенции на новиот систем од Лешница, но и дека состојбата со заматеноста се надминува и се очекува повторно вклучување на количините вода од новиот систем.

Back to top button
Close