Промена во вакциналната политика на САД: Дозата за хепатитис Б при раѓање препорачана само за дел од новороденчињата

Американскиот Советодавен комитет за имунизација (ACIP), кој им препорачува на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) кои вакцинални упатства да ги прифатат, денеска изгласа да се укине долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатитис Б веднаш по раѓањето.

Повеќе децении американските здравствени власти препорачуваа секое новороденче да биде вакцинирано против оваа инфекција на црниот дроб уште првиот ден. Вакцината се смета за значајна јавноздравствена мерка која спречила илјадници заболувања.

Но комитетот, кој работи под надлежност на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор, изгласа препораката за доза при раѓање да важи само за бебиња чии мајки се позитивни на вирусот или кога нивниот статус е непознат. За сите други новороденчиња, одлуката ќе ја донесуваат родителите во консултација со педијатар.

За бебињата кои нема да ја примат вакцината при раѓање, започнувањето на имунизацијата се препорачува најрано на возраст од два месеца.

Некои членови на комитетот сметаат дека повеќето новороденчиња имаат многу низок ризик од инфекција и дека досегашните студии за потенцијални долгорочни штетни ефекти биле премали и неадекватни. Многубројни медицински организации предупредија дека ваквата одлука се темели на шпекулации и дека ќе доведе до зголемување на инфекциите кај децата.

В.д. директорот на ЦДЦ, Џим О’Нил, треба дополнително да одлучи дали ќе ја прифати препораката.

Реакции:
Дијана Дегет, пратеничка и највисоко рангиран демократ во Поткомитетот за здравство на Претставничкиот дом, оцени дека одлуката е „антинаучна и опасна“, додавајќи дека администрацијата „ќе ги доведе децата во животна опасност“.

Ретсеф Леви, член на ACIP и професор на МИТ, кој гласал „за“, изјави дека ризикот за бебињата родени од мајки негативни на хепатитис Б е „исклучително низок“ и дека родителите треба внимателно да проценат дали да изложат новороденче на „интервенција што може да има потенцијални штети“.

Д-р Сузан Кресли, претседателка на Американската академија за педијатрија, оцени дека упатството е „неодговорно и погрешно претставено“ и дека ќе резултира со повеќе инфекции кај деца.

Д-р Пол Офит, директор на Центарот за вакцинално образование во Детската болница во Филаделфија, предупреди дека „одлуката ќе им го скрати животот на стотици деца“, потсетувајќи дека пред воведувањето на вакцината во 1991 година, 30.000 деца годишно се инфицирале, половина од нив преку мајките, а другата половина преку контакт со лица кои имаат хронична инфекција и не знаат за тоа.

Сенаторот Бил Касиди, претседател на Сенатскиот комитет за здравство и лекар по професија, истакна дека одлуката е „грешка“ и дека раѓањето е клучен момент за спречување на пренос на вирусот. Тој го повика ЦДЦ да не ја прифати промената.

Правниот експерт за вакцинално право Дорит Рајс предупреди дека комитетот донел одлука „без валидни податоци и без учество на експерти за хепатитис Б“, што ќе доведе до конфузија и зголемен ризик.

Повеќе членови на комитетот, меѓу кои и д-р Коди Мајснер и д-р Џозеф Хибелн, гласале „против“, предупредувајќи дека не се разгледани сите научни аспекти и дека се прави чекор наназад во заштитата на најмладите.

Д-р Вилијам Шафнер, поранешен член на комитетот, оцени дека одлуката „го враќа часовникот пред 1991 година“ и дека „нема научна основа“ за новите препораки.

Неколку експерти предупредија дека иако во упатството е задржан моделот на „заедничко донесување одлуки“, укинувањето на универзалната препорака ќе го отежни заштитувањето на децата и ќе доведе до поголем број инфекции, цироза и рак на црниот дроб во иднина.

Back to top button
Close