Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по предлогот на Спасеновски
Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по предлогот на универзитетскиот професор по политички систем и нивни поранешен пратеник Александар Спасеновски, да се бараат креативни решенија за да пројдат уставните измени, а такво нешто да биде, на пример, промената на државниот грб.
„Сите овие прашања произлегуваат од чувството кај Македонците дека во континуитет нешто губат и од нешто се откажуваат. Промената на Уставот во овој момент и ново решение за државен грб немаат никаква меѓусебна поврзаност. Тоа се одделни процеси и какво било нивно поврзување го нарушува процесот на носење нов државен грб, за кој веќе постои консензус во минатото“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“.
Во 2014 година владата на Никола Груевски предложи нов државен грб кој во централниот дел би имал црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, а во горниот дел би имало круна во форма на тврдина. Предлогот тогаш доби поддршка и од ДУИ, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале. Враќањето на овој предлог, според универзитетскиот професор и експратеник Александар Спасеновски, би можело да биде креативно решение со кое би можел да се обезбеди консензус за уставни измени.
„Можеби треба да се антиципираат овие стравови на поголемиот дел на граѓаните кои опонираат на уставните измени и да се размислува креативно во оваа насока. Да се најдат решенија кои ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамки на Уставот или во рамките на уставноправниот, на политичкиот систем на Република Македонија. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии. Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“,
рече вчера Спасеновски за време на гостувањето во Сител.
Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го предлогот на Спасеновски, ѝ порача на опозицијата сите предлози да ги поднесе до Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда, и таму да се дебатира.
Ставовите на опозицијата, додаде Ковачевски, јасно е дека се менуваат на дневно ниво.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно потврди дека неговата партија нема да учествува во работната група за уставните измени оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
Во албанскиот опозициски блок, Беса и Алтернатива не предложија свои претставници во работната група за уставните измени.