Променети симптоми: Како ќе препознаете дека сте заразени со коронавирус

Како можам да знам дали имам Ковид? Ова прашање постојано нѐ мачи од почетокот на пандемијата. Некои симптоми се слични на настинка, но, ни таа не треба да се потценува.

Во 2020 година сува кашлица и висока температура важеа за јасни симптоми на Ковид-19. Ако покрај нив постоеја главоболка и болки во зглобовите, тоа се сметаше за јасен случај на грип. Со кивавица и воспаление на грло би биле болни, за среќа, само од грип. На овој начин, грубо поедноставено, би можело да се објасни моментното сфаќање на симптомите на почетокот на пандемијата.

Потоа следеше губење на чувството за мирис и вкус: тоа беше индикација за инфекција со САРС-КоВ-2. На тоа барем уште може да се потпрете, ако денес забележите променето чувство за вкус или мирис, тогаш треба да заѕвони алармот за коронавирус.

Со сите останати симптоми е поинаку. Тие се, така да се каже, малку флуидни. Се обидуваме да ги пронајдеме со помош на биомаркери и да препознаеме условеност врз основа на крвни групи. Покрај тоа, можат да се разликуваат во зависност од тоа дали лицето со коронавирус веќе е вакцинирано, дали е во прашање варијанта, дали пациентот е стар или млад, претходно здрав или хронично болен.

Новите топ 5

Студија спроведена во Велика Британија објави податоци токму за симптомите. Во Zoe COVID Symptom Study, заразените луѓе ги пријавуваат своите симптоми по пат на апликација. Во согласност со тоа, симптомите очигледно се променети – што е можеби (не нужно) последица на Делта варијантата, која сега сочинува 99 % од инфекциите во Велика Британија (податок од 12 јули 2021). Еве ги различните симптоми:

Кои се најчести симптоми кога сте целосно вакцинирани?

Глобално, слични симптоми на Ковид-19 во апликацијата се пријавени и кај вакцинираните и кај невакцинираните лица, стои на веб страницата. „Меѓутоа, оние кои веќе биле вакцинирани, пријавиле помалку симптоми во тек на пократок период, што сугерира постоење помалку сериозен тек на болеста и побрзо опоравување“, се наведува во текстот.

Како што во меѓувреме често се зборуваше: вакцинираните лица исто така можат да се заразат со коронавирус. Но, податоците потврдуваат – тие обично добиваат само благи симптоми. Вакцинирањето спречува тешки или дури опасни по живот случаи на Ковид-19.

Моментниот редослед на симптомите на Ковид по две примени дози вакцина:

• Главоболка

• Течење на носот

• Кивање

• Болки во грлото

• Губење чувство за мирис

Тоа нѐ доведува до симптоми кои обично ги поврзуваме со настинка. Замената на овие симптоми би можела да биде незгодна и можно е токму тоа да довело до ширење на Делта варијантата во Велика Британија.

Кои се најчестите симптоми ако не сте вакцинирани?

Дали е сѐ исто како претходно? Ни овде не е! Некои симптоми се уште присутни, но во текот на годината дојде до некои промени откако Ковид-19 се појави првпат пред околу еднаипо година.

• Главоболка

• Болки во грлото

• Течење на носот

• Треска

• Постојана кашлица

Губитокот на мирис се симна на број 9 на листата, а отежнато дишење е уште подолу, под број 30. Тие флуктуации можат да укажуваат на тоа дека претходно познатите симптоми се менуваат како што се менуваат и вирусите.

Да не се избрзува

Вирологот Кристијан Дростен исто така се повикува на резултатите од студијата и на изјавата на епидемиологот Тим Спектор, раководител на студијата ZOE. Тој смета сепак дека во дебатата за симптомите во медиумите се губи една важна точка:

Очигледно е променета сликата на симптомите, имено со тоа што „сега постарите луѓе главно се вакцинирани и во оваа студија се гледаат сѐ повеќе млади луѓе кои се инфицирани.“

Кај младите луѓе симптомите главно се насочени кон општа инфекција слична на грип, со главоболка, воспаление на грло и блага треска. Долготрајна кашлица, која беше типична кај старите пациенти, сега се среќава поретко, вели Дростен.

Според него, тоа помалку треба да се припише на Делта сојот, а повеќе на развојот во одредена популација – накратко: кај младите, зашто постарите се веќе вакцинирани.

„Мислам дека едноставно треба да се причека додека за тоа не се објави нешто навистина научно“, вели Дростен.

Ве молиме, не велете: „Ох, тоа е само настинка“

Кога се сомневате, секогаш е исправна одлуката да се тестирате ако не се чувствувате добро и да држите дистанца, се сложуваат Тим Спектор и Кристијан Дростен.

„Мислам дека тоа беше поентата на ова јавно обраќање, да се потсети населението, посебно младата популација која сега се заразува, дека мора да се биде претпазлив, дури и ако не се чувствувате сериозно болни“, вели Дростен. „И да не помислувате: Ох, тоа е само настинка“, додава тој.

Неодамна, студијата Гутенберг Ковид-19 од Универзитетот во Мајнц покажа дека преку 40 % од сите заразени со САРС-КоВ-2 не знаат воопшто за својата акутна или прележана инфекција.

Меѓутоа, авторот на студијата Филип Вид во интервју за Дојче веле потврди дека поради статусот на вакцинираност или ниска инциденца не смее да се престане со тестирање. „Ова е важно мерило за следење на динамиката на пандемијата“, вели тој.

Да се остане претпазлив и да се биде внимателен не е опција, туку обврска, без оглед дали сте вакцинирани, опоравени или тестирани.

Извор: дв

Back to top button
Close