Промени во популарната „Грин карта“ лотарија, процесот на пријавување одложен
Популарната американска лотарија за „Грин карта“ (Diversity Visa – DV) повторно е во фокусот, откако американскиот Стејт департмент соопшти дека роковите за регистрација за програмата DV-2027 ќе бидат познати во наредните месеци. Прв пат годинава процесот не почна на почетокот на октомври, но официјалното објавување ќе има на веб-страницата travel.state.gov.

Во соопштението што се појави во ноемврискиот Visa Bulletin се наведува дека пријавувањето наскоро ќе биде отворено, при што Стејт департментот уверува дека сите информации ќе бидат достапни навремено и единствено преку официјалните канали.
Неочекуваното доцнење предизвика бројни прашања кај потенцијалните учесници, бидејќи оваа глобално позната лотарија традиционално започнува секоја есен. Иако американските власти не прецизираат зошто процедурата е одложена, се најавува дека во новиот циклус ќе има промени во начинот на пријавување.
Според адвокати кои се занимаваат со имиграциско право, најверојатната причина за одложувањето е воведувањето на нова електронска такса од еден американски долар, која првпат ќе се плаќа при поднесување на пријавата. Мерката има цел да обезбеди правична распределба на административните трошоци и да го намали бројот на невалидни или фиктивни апликации.
Оваа одредба беше објавена во Federal Register на 16 септември 2025 година и стапи на сила веднаш. Проценките на Стејт департментот укажуваат дека само оваа промена би можела да донесе околу 25 милиони долари приходи годишно.
Паралелно со најавите за DV-2027, американските власти објавија и технички исправки во врска со претходниот циклус – DV-2026. Имено, при селекцијата била откриена грешка поради која во процесот привремено биле вклучени и кандидати од Куба и Велика Британија, иако тие земји не се подобни за учество. По проверката, потврдено е дека апликантите од Куба остануваат неелигибилни, бидејќи во последните пет години во САД имигрирале повеќе од 50.000 лица од оваа земја, што е лимитот утврден со правилата на програмата.
Во рамки на DV-2026 биле избрани вкупно 129.516 лица (заедно со нивните брачни партнери и деца), од над 20,8 милиони поднесени пријави во периодот од 2 октомври до 7 ноември 2024 година.
За учество во новиот циклус DV-2027, апликантите мора да исполнат два основни критериуми – завршено средно образование или еквивалент, или најмалку две години работно искуство во занимање кое бара посебна стручна обука. Избраните кандидати ќе мора строго да ги следат упатствата што ќе ги добијат при известувањето за селекција и навремено да ја достават целата потребна документација.
Иако точниот датум за почеток на пријавувањето сè уште не е одреден, Стејт департментот потенцира дека сите информации ќе бидат објавени исклучиво на официјалните страници travel.state.gov и Federal Register. Вакви одложувања не се првпат – во 2017 година, на пример, лотаријата DV-2019 беше поништена и повторно отворена поради технички пропуст.
Милиони луѓе ширум светот, кои го сонуваат американскиот живот, со нетрпение го очекуваат стартот на DV-2027, надевајќи се дека новите правила ќе донесат пофер, појасен и поедноставен процес за добивање на зелената карта.






