Промени во служењето воен рок во Грција – модернизација и дополнителни обуки

Основна обука во траење од десет седмици; обука за ракување со дронови и за прва помош, три месеци покус воен рок ако се служи во приоритетни зони, подобра храна и поголем месечен надоместок, се дел од промените во служењето воен рок во Грција што стапуваат во сила со новите регрути кои од денеска ќе се пријават во своите единици, јави дописничката на МИА од Атина.

Промените се во рамките на програмата за воени реформи „Агенда 2030“ што минатата година ја презентираше министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас, опишувајќи ги како неопходни за модернизација на армијата.

Како што пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, основната обука станува подолга и пообемна, се зголемува од четири на десет седмици и ќе биде исклучиво во копнените сили, а паралелно се модернизира со нови области како што се ракување со дронови, прва помош, тактички вежби и ноќни обуки, сајбер безбедност.

Воениот рок е во траење од 12 месеци, но може да се намали на девет ако се служи во приоритетни зони како Тракија, островите во источниот дел на Егејското море, во грчките сили на Кипар или во Претседателската гарда.

Според АНА-МПА основните промени вклучуваат и квалитативно и квантитативно подобрување на храната, нов систем на здравствени прегледи во центрите за класификација, префрлање на сите регрути во оперативни единици по обуката, значително зголемување на месечниот надоместок од 8,80 на 100 евра за оние што служат во Тракија, островите во источниот дел на Егејското море и 50 евра за оние што служат во внатрешноста на земјата.

Back to top button
Close