Промес екстрадиран во Холандија

Поранешниот холандски репрезентативец Квинси Промес е екстрадиран од Обединетите Арапски Емирати во Холандија, каде што ќе отслужи затворска казна за трговија со дрога и физички напад, соопшти денеска холандското Обвинителство.

Холандски суд минатата година го осуди во отсуство поранешниот фудбалер на Ајакс и Спартак Москва на шест години затвор за директна вмешаност во транспорт на две пратки кокаин од Бразил преку пристаништето Антверпен во Белгија до Холандија во 2020 година.

Промес во 2023 година, исто така во отсуство, беше осуден и на 18 месеци затвор за напад во врска со тепачка во 2020 година во која избоде роднина во коленото.

Промес ги негираше сите обвиненија и поднесе жалба за двата случаи.

Триесетитригодишниот Промес, кој има 50 настапи за Холандија, беше уапсен во Дубаи во март лани на барање на холандското Јавно обвинителство додека беше во тренинг кампот на Спартак Москва.

Back to top button
Close