Промоција на 40. број на „Лице в лице“

Преку интерактивна онлајн средба насловена „Лице в лице со новата Земја – соочување“, на која ќе се разговара за можните сценарија на развој на нашето опкружување, и светот воопшто, по соочувањето со пандемијата, на локално и глобално ниво, денеска ќе биде промовиран 40. број на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“.

Настанот ќе биде од отворен карактер и ќе се одвива во терминот од 15 до 17 часот, на платформата „Zoom“, по направена регистрација на линкот.

– Светот е сведок на момент на пауза, од кој можно е да се почне одново. Глобални настани, како почеток или крај на долга војна, државен преврат или природна непогода, се моменти во човечката историја што можат јасно да укажат дека претходната фаза во општествениот или економски развој завршува, а почнува нова. Наша цел преку овој настан е да се инспирираме од повеќе ставови за иднината со цел да ја кокреираме онаква каква што ја посакуваме, наведуваат организаторите.

Гости говорници се Тамара Котевска, ко-режисерката на „Медена земја“, Олга Рајчиќ, ко-основачка на мобилната апликација „Челинџер“, Сергеј Георгиев, режисер на документарниот филм „Виа Динарика“, млади луѓе кои имаат поинаков светоглед, кои креираат, се движат, иновираат, кои влијаат на нашето заедничко, подобро „утре“.

– Подготовката на најновиот број на „Лице в лице“ беше преиспитување и отворање, раѓање на нов поглед, а беше и период кога повеќе од кога било нè задвижи обединувачка енергија, која здружи визионери, граѓани, активисти, бизнисмени, професори, министри, директори на институции, на здруженија на граѓани, во развивањето нова визија за посакуваното општество, но и за посакуваната планета со која е неопходно да живееме во хармонија, вели Климентина Илијевски, извршна дирекорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ (издавач на „Лице в лице“), и главна уредничка на списанието.

Специјално по овој повод театарската група „Пресврт“, подготви и видео нарација насловена „Рестарт“, која ќе биде прикажана премиерно, а чија цел е доближување на суштинските ставови на значајни светски имиња во поглед на насоката во која допрва ќе се движи светот.

Најновото 40-то издание на „Лице в лице“, посветено на бизнисите, лидерството, на институциите и на граѓаните од иднината, носи и содржини кои се врзани за многу иницијативи кои се појавија како резултат на лошите ефекти на Ковид 19, написи за важноста од поттикот на руралниот развој и социјалната економија, за потребите од нов модел на образование, и уште многу други четива на соработниците.

Дизајнот на насловната страница е дело на Зоран Инадески, а на другиот кавер се наоѓаат продавачите на „Лице в лице“ – Тунан, Бајрам, Армандо и Валентин, додека фотографија ја направи Томислав Георгиев:

„Лице в лице“ е единственото улично списание кај нас и е едно од пионерските социјални претпријатија во земјава. Списанието овозможува работна интеграција на потешко вработливи сограѓани. Еден број чини 100 денари, а половина е заработка за продавачот.

Back to top button
Close