Промоција на ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL од Славчо Димитров
КРИК фестивал на критичка култура, годинава тематски насловен „Преобразби“, во организација на Контрапункт, ве поканува на промоцијата на книгата ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL од Славчо Димитров.
Промоцијата ќе се одржи на 23. 06. 2025 (понеделник), со почеток во 20 часот, во КСП Центар – Јадро. Промотори на книгата се професорката Јелисавета Благојевиќ од Белград и професор Љубомир Данаилов Фрчкоски.
Книгата е објавена на англиски јазик во едицијата „Пунктум“, едиција која Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура, ја посветуваат на современата критичка теорија, континентална филозофија, теорија на современата култура и уметност, родова теорија и филозофија и политичка филозофија.
Во својата книга ANARCHIC BODIES : CORPOREAL MATERIALISM, AFFECTS AND THE POLITICAL Димитров го анализира концептот на политичкото (le politique) преку истражување на неговата комплексна и конститутивна вмреженост со телесноста, афектите и материјалноста. Централниот проблем и прашање на неговиот истражувачки потфат е: како можеме да го замислиме и изведуваме политичкото како радикална разлика – означувајќи го безтемелниот, контингентен, безднен и нарушувачки момент – што го прави (не)возможен самиот темел на општеството, доколку во центарот на нашето поимање на политичката онтологија го поставиме телото како делотворна, динамична, трансформативна, ексцесивна и релациска светотворечка материјалност.
Она што ја прави оваа книга особено значаен проект, покрај длабинските теоретски ангажмани, е и нејзиниот фокус врз конкретни студии на случај што ги пресекуваат полето на уметничките практики (визуелна уметност), политичкото дејствување и протест, како и културната продукција. Димитров се осврнува на дела од уметниците Велимир Жерновски и Феликс Гонзалес-Торес, на политичките протести во Северна Македонија познати како Шарената револуција, како и на субкултурната и панк сцена во Љубљана за време на социјалистичките 80-ти.
Повеќе за книгата видете на објавата на Фејсбук.
Славчо Димитров своите докторски студии ги заврши на универзитетот Сингидунум, во Белград на катедрата за Современа уметност и медиуми. Магистрираше Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа се здоби и со магистратура во областана на мулти-дисциплинарните родови студии на Универзитетот во Кембриџ. Работел како асистент во одделот за правни и политички науки на ФОН универзитетот и на постидпломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан. Димитров е основач на Меѓународната летна школа за сексуалност, култура и политика во Белград.
Toj e куратор на Skopje Pride Weekend, фестивал за квир уметност, култура и теорија. Во мигов, тој е директор на Коалција МАРГИНИ Скопје. Димитров спровел истражување и објавил огромен број трудови од областа на културните и родовите студии, политичката филозофија, студиите за перформанс и квир теоријата во регионални и меѓународни списанија и книги.
Добитник е на наградата AICA Македонија – „Ладислав Баришиќ“ во 2018 година и на наградата Игор Забел, грант за култура и теорија, во 2020 година.
КРИК 2025 не е прослава на континуитетот – туку чин на истрајност. Како проект на Контрапункт, фестивалот останува посветен на критичноста како политички чин, а не како реторички став.
КРИК е глич во системот – прекин во програмираниот тек на спектаклот, комодификацијата и тишината. Оваа година, со темата „Метаморфоза/Преобразба“, не прашуваме што културата може да направи, туку што културата мора да направи во услови на системска стагнација, институционална ерозија и нормализација на нееднаквоста.