Промоција на ,,Еx voto“ од  Соња Здравковска Андоновиќ во галеријата „Ко-Ра“ во Скопје

На 12-ти април (среда) 2023 година во галеријата „Ко-Ра“ во големиот салон на ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“ – спроти гимназијата Јосип Броз Тито во центарот на Скопје ќе се одржи промоција на поетската збирка ,,Еx voto“ од  Соња Здравковска Андоновиќ.

 

Промоторка на настанот ќе биде д-р Ана Мартиноска, додека улогата на модераторка ќе ја има ТВ водителката Александра Велинова. Почетокот на промоцијата е закажан за 19.30 часот.

Во продолжение мал дел од песните на Здравковска – Андоновиќ кои се дел од стихозбирката:

САКАЈ СЕ

Сакам,

да го прегрнам,

болниот,

сакатиот,

алчниот,

себичниот,

злобниот,

завидливиот,

и да му кажам,

сакај се!

 

НАЈСОВРШЕН РОД

Ех, да сум човек,

слободен,

без име и презиме.

Или да сум птица,

еден ден,

само еден ден,

за да можам

да ги прелетам височините,

да ми се чинат возможни.

Да сум облак,

сив, бел и црн

па да можам,

од висини високо

да го видам овој свет.

И да сум ѕвезда,

сјајна,

на небото широко,

за да можам

силно да светам

над мојот дом.

Да сум камен,

во река,

еден ден, само еден ден!

За да можам

и бранови речни

да понесам

и струни да однесам.

И да сум бран,

еден ден,

само еден ден!

Па, да можам,

од далечини длабоки

да запловам

низ морето.

Ех, да може!

А, јас сум само

човек недостоен,

закотвен,

во векот човечки

меѓу асфалтот и бетонот

меѓу има и нема

меѓу ние и вие

меѓу јас и ти.

И не сум,

ни камен

ни птица

ни облак

ниту ѕвезда.

А, некој рече,

најсовршен род

сме биле!

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close