Промоција на книгата „Од Климента до Блажета“ на Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ

Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Од Климента до Блажета“ на Свето Стаменов, публицист, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, универзитетски професор во пензија и познат македонски книжевен историчар и теоретичар.

Книгата „Од Климента до Блажета“ се состои од три дела. Првиот дел содржи 12 радио-интервјуа што Свето Стаменов ги реализира со проф. д-р Стојчевска-Антиќ во рамките на авторскиот проект „Quo vadis“ и на редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2016 до 2021 година. Повеќето интервјуа беа реализирани во рамките на одбележувањето на јубилејни годишнини на најзначајните личности на македонската култура воопшто. Така, интервјуата „Големиот учител свети Климент Охридски“ и „За претходниците на Крсте Петков Мисирков“ беа реализирани по повод 1.100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски и 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков (2016); интервјуата „Професорот за мене сè уште е жив“ и „Мисирков и Конески – нашите македонски меѓници“, пак, беа реализирани во рамките на серијалот посветен на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески (2021), а интервјуто „Книга која го стави македонскиот литературен јазик на светската јазична мапа“, пак, по повод 65-годишнината од излегувањето на светски познатата „Граматика на македонскиот литературен јазик“ на англиски јазик на харвардскиот професор Хорас Лант. Другите интервјуа, пак, беа посветени на објавувањето на најновите книги на професорката Вера Стојчевска – Антиќ: „Мојот професор пророк“ (2017), „Научно – културни мостови со Грција“, „За Прличев и неговиот XIX век“ (2020) и „Мојот предизвик Охрид“ (2021).

Вториот дел на книгата ги содржи македонистичките разговори на професорката Стојчевска-Антиќ со неколкумина истакнати странски македонисти – нејзини колеги: Нуло Миниси, Олга Панкина, Јан Соколовски, Волф Ошлис и Лех Мјодински.

Третиот дел, симболично насловен „Поглед врз една плодна соработка“, пак, е своевиден преглед на повеќегодишната повеќе од успешна соработка меѓу авторите на оваа книга и ги содржи рецензиите на професорката Вера Стојчевска-Антиќ за книгите на Свето Стаменов: „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“ (2019), „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (второ изменето и дополнето издание) и „Блаже Конески – македонски тестамент“ (2022). Исто така, во овој дел се и рецензиите и пригодните текстови и обраќања на рецензентите и промоторите на зборниците „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“, што авторите ги приредија во 2021 година како нивен прилог кон сеопштото одбележување на стогодишнината од раѓањето на основоположникот на современата македонска култура Блаже Конески во рамките на 2021- Година во чест на Конески.

Промотори на книгата „Од Климента до Блажета“ ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова, проф. д-р Ана Витанова-Рингачева, проф. д-р Цане Т. Мојаноски и проф. д-р Димитар Пандев, додека, пак, поздравната реч е на проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. Модератор ќе биде м-р Елизабета Кузмановска

Back to top button
Close