Промоција на книгата „Тупаници“ на италијанскиот писател Пјетро Гроси

Во кафе-книжарницата „Буква“ вечерва ќе се одржи промоцијата на книгата „Тупаници“ на италијанскиот писател Пјетро Гроси, на која ќе присуства и самиот автор.

Промоторки на книгата ќе бидат Ирина Талеска и Катерина Сотирова, која воедно и ја преведе книгата на македонски јазик.

Како што соопшти издавачот на книгата, издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, „Тупаници“ содржи трите приказни раскажани со штедлив и моќен глас, што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, кои го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години со кој секој од нас се соочил и што значи да се биде човек во овие модерни времиња.

– „Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун“ се три моќни приказни за полнолетството на момчињата кои се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет. Во „Тупаници“, тинејџ боксер-аматер првпат влегува во рингот и се наоѓа во судир со животот во сета негова мускулеста сила; во „Коњи“, двајца браќа на прагот од зрелоста учат да ја играат машката игра на својствен, болен начин; а во „Мајмунот“, еден млад човек сфаќа дека за да останеме здрави и да преживееме на овој свет, треба да ги жртвуваме нашите детски соништа, посочуваат издавачите.

Пјетро Гроси, писател и преведувач, е роден 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ја објави книгата „Тупаници“, која освои многу книжевни награди, вклучувајќи ги и престижните „Viareggio“ и „Strega“.

Книгата ги освои наградите „Cocito Montà D’alba“, „Chiara“, „Fiesole Narrative “ за автори под 40 години, како и наградата „Pistoia del Ceppo“. Во 2010 година, англиската верзија на книгата насловена „Fists“, објавена од „Pushkin press“, беше финалист за наградата за странска литература која ја доделува „Independent“. Истата година авторот ја освои и „Campiello Europe Prize“.

Преводот на книгата и гостувањето на авторот се дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Back to top button
Close