Промоција на монографско издание за познатата боснаска уметница Шејла Камериќ на КРИК – фестивал за критичка култура

Програмата на осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт, продолжува со промоцијата на книгата за творештвото на познатата босанска уметница Шејла Камериќ.

По минатогодишната изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која КРИК и ПРВО ПА ЖЕНСКО заеднички со уметницата ја организираа во Националната галерија – Чифте Амам, оваа година , повторно во соработка помеѓу Контрапунт/КРИК – фестивал за критичка култура, Тиииит!Инк./ фестивал за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе биде промовирана уметничката книга „Mother is a bitch/Мајката е кучка“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за Камериќ најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и взаемна поддршка.

Промоцијата ќе се одржи на 9 октомври (понеделник) во Музејот на современа уметност – Скопје, во 19,30 часот, со разговор помеѓу уметницата Шејла Камериќ, уредничката на книгата Жива Клајндинст, како и авторките Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова.

 

За себноста, меморијата и … смеата

Во текот на изминатите 25 години, Шејла Камериќ (р. Сараево 1976 година; живее и работи во Сараево, Берлин и Истра) создаде извонреден број уметнички дела засновани на гестови за самопретставување.

Тие ја откриваат трајната верност на Камериќ кон темата на автопортретирање и нејзиното неконвенционално разбирање на оваа авто-референтна практика. „Mother is a Bitch/Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нѐ водат во глобалните простори на раселување и дискриминација. Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста. Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.

Приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми

2 / 2

како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација.

Во однос на овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, а уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.

Шејла Камериќ живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и КРИК се: MaMa (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб, kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад и Kulturtreger од Загреб. Посебна благодарност до студиото за графички дизајн KOMA (@koma.mk). Настанот се реализира во соработка со Музејот на современа уметност, Скопје.

Контрапункт и фестивалот КРИК се поддржани од Министерството за култура на Северна Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на Креативна Европа, Re-Imagine Europe и Peripheral Visions. Финансиран од Европската Унија. Сепак, искажаните ставови и мислења се само на авторот(ите) и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија или Европската Извршна Агенција за образование и култура (EACEA). Ниту Европската унија, ниту органот што го доделува не може да биде одговорен за нив.

ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржано од: Sigrid Rausing Trust, Шведска и The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund и Министерство за култура Република Северна Македонија.

 

Back to top button
Close