Промоција на Речник на медиумска писменост

Институтот за комуникациски студии денеска ќе промовира Речник на медиумската писменост кој, како што соопшти, е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавија во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата.

-Целта за неговото создавање е да се користи како унифицирана јазична основа и како водич за сите оние што сакаат и што имаат потреба да бидат упатени во областа на медиумската писменост. Речникот нуди толкување на повеќе од 700 поими од областа на медиумската писменост, комуникологијата, новинарството, лингвистиката, филозофијата, антропологијата, правото, економијата итн. Достапен e како онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиска варијанта, соопшти Институтот за комуникациски студии.

Кај поголемиот број термини во Речникот е дадена и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики итн.), со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин.

-Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции. Идејата е оваа публикација да се ажурира и да се збогатува со нови поими и во иднина, наведува Институтот кој го координирал процесот на креирање на Речникот во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, којшто го спроведува ИРЕКС во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Младинскиот образовен форум.

Back to top button
Close