Промоција на романот „Годините“ од Ани Ерно
Романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно вечер ќе биде промовиран во бифето на Младинскиот културен центар.

Книгата ќе ја промовираат и за неа ќе разговараат Андријана Папиќ Манчева, преведувачка на романот, Ведран Диздаревиќ, уредник на изданието и Катерина Шекутковска, главна и одговорна уредничка на издавачката куќа „Илика“.
– Со „Годините“, Ерно востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјектива и имперсонална, авторката си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикажеживотот и времињата на една цела генерација, информира издавачката куќа „Илика“.
Ани Ерно (Лилбон, 1940) е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“.
Нејзината авторска кариера трае повеќе од педесет години и има објавено повеќе од дваесет романи на најразлични теми. Покрај тоа што има добиено ред награди, има извршено и длабоко влијание на следните генерации француски писатели, особено врз Дидје Ерибон и Едуар Луј.
Фото: „Илика“






