Промоција на словенечкиот превод на „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов

– Во дворот на кафе-книжарница „Буква“ – Скопје (до поранешното кино Култура), вечер во 20 часот, на оторено, ќе биде одржана промоција на словенечкиот превод на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов.

Организатори се Словенечкиот центар – Скопје и  книжарницата „Буква” – Скопје во соработка со Амбасадата на Република Словенија и со подршка на Бирото на Владата на Република Словенија за Словенците во соседството и по светот, по повод Денот на државноста и 30-годишнината од независноста на Република Словенија.
Книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ e објавена во издание на Друштвото на словенечки писатели, а на словенечки јазик ја преведе Алеш Мустар. За книгата и со авторот ќе зборува писателот Владимир Јанковски.
Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“(2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.

Back to top button
Close