Промоција на стихозбирката „Копнеж” на Благица Велковска во Крива Паланка

 Во фоајето на Националната установа Центар за култура Крива Паланка денес се одржа промоција на стихозбирката”Копнеж”, книжевно првенче на авторката Благица Велковска.
Велковска е членка на литературниот клуб „Калин” при библиотеката Кочо Рацин во рамките на установата.
-Во творештвото на Велковска суптилно провејува копнежот, по неостварени желби, по моменти од детството, по изгубени драги лица, но лајт-мотивот според моето интерпретирање, во нејзиниот едноставен но силен поетски израз, е љубовта, од која блика и радост,и тага, па и желба и копнеж, за да нуркајќи низ стиховите пловиме низ животот во неговата есенцијална форма исткаена со книжевен јазик, истакна поетесата Емилија Колевска, промотор на книгата.
Авторката Велковска рече дека инспирација за создавање стихови пронаоѓа и секојдневно изнаоѓа буквално во се, од прагот на домот каде ги исчекува драгите, преку камчињата од ѕидините на опожарениот и дом, до секое ливче детелинка, цвеќе или нечија воздишка.
Поезија читаа членови на литературниот клуб Калин, а настанот се одржа согласно сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19 пропишани од Комисијата за заразни болести и Владата на РС Македонија

Back to top button
Close