Промоција на стихозбирката „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова

Утревечер,18 јуни, од 20:00 часот во кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова

Филипа Сара Попова за оваа стихозбирка ја доби наградата „Млада Струга“ во 2024 г. за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, доделена од НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со „Јуроп Хаус“, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во земјава.

‒ Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата. Во неа има „жед за песна“, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет. (…)

Оваа поетска книга е полна со почва и билки, со јаглен и јад, со сомнежи и преиспитувања, но и со пркос и храброст. Таа е сведоштво за нештата што се случуваат во нас и околу нас, за реалноста што како натрапник навлегува во нашиот мал, затворен и затоа колку-толку безбеден свет. Но исто толку е и повик за себеподобрување, за облагородување на опкружувањето, на земјата на која живееме, парчето време што го трошиме. Зашто иако секој од нас живее во својот терариум, не сме издвоени единки независни од другите, од времето и од случувањата во него. Свесно или несвесно, и самите вршиме влијание во светот и со своите мисли и постапки предизвикуваме одредени процеси и случувања ‒ Виолета Танчева-Златева

Филипа Сара Попова (1998, Скопје) дебитираше со стихозбирката „Скршен терариум“ за која во 2024 година ја доби наградата „Млада Струга“, доделена од Струшките вечери на поезијата. Нејзини песни се објавени во зборникот „Новите добри времиња“ (Хелсиншки комитет за човекови права Скопје, 2023), „Рукописи 45“, „Рукописи 48“ и „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (ПНВ Публикации, 2023), како и во неколку списанија: „Умно“, „Репер“, „Медуза“ и „Култура Бета“. Освен поезија, пишува проза и нефикциски текстови. Нејзин расказ е застапен и во збирката раскази „Туѓо тело“ (Темплум, 2024), а нејзини есеи и критики на повеќе електронски медиуми. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, на Скопскиот поетски фестивал, на „Клинци“ во организација на „Култура Бета“ и на други книжевни читања.

Стихозбирката ќе ја промовира Јулијана Величковска.

Во продолжение неколку песни од Попова:

Терариум

Чудно е,

скокотлива болка ми игра на рамото,

се чувствувам закотвена во непознато тло,

а се движам

налево и надесно, се веам во просторот,

се наденувам на сопствените трња,

се галам од туѓите форми и дразби

се потпирам на слободата на летањето.

Влажно е и чудно,

бев само обична намера,

скица во нечиј ум,

а сега имам листови

и сум.

Топлина ми извира од телото,

мојата пареа е глад за иднината,

продолжување на циклусот,

минатото е само бледи кафеави дамки

на стеблото, стари изгореници.

Зелено е, влажно и чудно,

бев нечиј сон,

а сега растам

и гордо ќе се ширам во воздухот,

иако некогаш толку јасно

над мене испакната се гледа

границата на стаклениот свод.

 

 

Змиско гнездо

Печат пукнатините на ден

истрошен од својата убавина.

Сончеви зраци пресекуваат зеници.

Се обидувам да останам иста, а

провев ми ја гребе кожата и

присилно го свлекува стравот во

растреперен дом откажан од себеси.

Занишаната светилка над леглото

ги исцртува сите патишта

низ кои ќе се струполат лушпите.

Низ мувлата, маглата и сонот

пече сонце. Време е за будење,

а јас си ја свивам главата кон кружново тело.

Сакам само да се потпрам врз сеќавањата

на нашите претходни умирања.

 

 

Здравица за лаењето!

(Инспирирана од Кибер војна, Роза Џамали)

 

Здивот одамна пресуши,

сите стихови се секому достапни:

еден клик до поет,

два до Криптокрал

и Криптошут ‒ зад истата маска,

истите ликови, три клика до

четири виртуелни коњаника,

виртуозни, поткупливи, со усти ‒ гајтани,

очи ‒ искри, пепелав здив, во ноќта

пристигнуваат во сив млаз пареа…

Испаруваме, испаруваме

меѓу сомнежот и честа

меѓу улогата и потребата да завојуваме

со играњето, во џез-клубот

го затресувам колкот

и ви ги прифаќам чашките

чeстете ме!

Нека се скршат џинот, ракијата

од лаванда и месечината ‒

чeстете ме!

Сè да се разурне!

Искрено, денот беше напорен,

а и џебот остана бодликава жица.

Дајте ми ги чашките, и празни да се,

Ќќќккке пијам!

Ќе пијам и погледите алчни

во тишини ќе ви ги забодам.

 

Сакам молк и вештачки игри,

само молк и вештачки игри,

да начујам како пристигнуваат

маглата, царот, коњаницата…

предводени од Големиот Криптопес.

Back to top button
Close