Промовирана книга за стилските фигури во наставата по македонски јазик

– Во Универзитетската библиотека во Битола денеска беше промовирана книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ – магистерски труд на Мирјана Стојановска.

Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска на промоцијата рече дека во книгата е објавен првиот теоретски дел од магистерскиот труд, кој опфаќа историски пристап во развојот на стилските фигури, класификација и објаснување на четириесет изразни средства низ примери во лирски песни и методски решенија за полесно изучување на стилските фигури во наставата по македонски јазик во основно и средно образование.

-Во недостиг на литература од овој вид, книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик“ се очекува да даде значаен придонес во наставниот процес, како книга-прирачник за наставниците, професорите и учениците од основно и средно образование, истакна промоторот Трајковска.

Авторката Миирјана Стојановска е поетеса, автор на девет книги поезија, една книга кратки раскази и е приредувач на пет поетски зборници. Таа беше прв претседател на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при Друштвото на писатели на Македонија. Нејзината поезија е преведена на германски и на српски јазик и во изминатите години е промовирана на меѓународни саеми на книгата.

Објавувањето на книгата „Стилските фигури во наставата по македонски јазик “ е овозможено со финансиска поддршка на женскиот приватен сектор од Битола кои самоиницијативно понудиле финасии за печатење и хонорар за авторката.

Back to top button
Close