Промовирана книгата „Пајонија и Пајонците”

Со откривање, реставрација и конзервација на Владетелската палата, локалитетот „Била зора“ во Свети Николе треба да стане вистинска атракција. Активностите кои се реализираат таму треба да придонесат за дополнување на туристичката понуда на Источниот регион.

-И кога сето тоа ќе се конзервира, кога ќе се вратат столбови, капители, фрески на ѕидовите, тогаш, сигурно, ќе го имаме најсилниот објект од нашето раноантичко културно наследство во Македонија, истакна Драги Митревски, раководител на проектот за истражувања на „Била зора“.

Проектот се реализира од страна  преку НУ Завод и Музеј Штип и Министерството за култура.

-Во моментов НУ Завод и Музеј Штип врши конзервација на Владетелската палата на археолошкиот локалитет „Славков дол“ односно „Била зора“, каде што со Министерството за култура со проект вреден околу 1.000.800 денари се врши конзервацијата. Проектот го работи Завод и Музеј Штип како надлежна институција. Од овие пари само почнавме да користиме, се набавува материјал, започната е конзервацијата, така што во наредните месеци ќе го завршиме успешно овој проект“, вели директор на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов.

Според градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, проектот ќе значи многу за дополнување на туристичката понуда на Свети Николе. Тој најави и други проекти со кои би се подобрил локалитетот и пристапот до истиот.

-Во наредниот период сѐ во зависност од финансиите, а и од дозволите, сакаме да направиме една патека за да можат пешаците кои секојдневно пешачат да дојдат тука и да ги погледнат овие убавини коишто ги имаме ние и, да не кажам, никој друг во Балканот, вели Владев.

Во текот на денешниот ден беше посетена и поставката на артефакти од локалитетот „Била зора“ во Народниот музеј во Свети Николе, а на локалитетот беше промовирана и монографијата „Пајонија и Пајонците“ подготвена од Филозофскиот факултет во Скопје.

-Во книгата се содржани сите досегашни сознанија за историјата на Панонците и пајонската култура. Целта беше заедно со градоначалникот на Општина Свети Николе и со помош од Министерството за култура и Музејот во Штип да се вратиме на ова значајно наоѓалиште за нашата култура, бидејќи „Билазора“ е една од двете престолнини на Балканот, којашто долго време беше запоставена, остакна Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

Целта е со монографијата да се покаже што досега знае науката, но истражувањата ќе помогнат за дополнување или промена на досегашните знаења.

Back to top button
Close