Промовирана книгата „Видое Подгорец-незавршена приказна“ од Киро Донев

– Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица синоќа се одржа промоција на книгата „Видое Подгорец-незавршена приказна“ од Киро Донев, романизирана биографија којашто Донев ја напишал за својот соработник и пријател, или како што тој честопати знае да каже „батко и духовен татко“.

Книгата има многу биографски податоци, но и непознати анегдоти од личниот и професионалниот живот на писателот Подгорец, негови размислувања, видувања, ставови за обичните и специфичните прашања од животот.

-Многу повеќе ме караше отколку што било што друго ми зборуваше, но и покрај тоа, и во тие прекорни зборови имаше само љубов, се присети писателот Донев.

Тој на присутните им порача да ги читаат книгите на Видое, затоа што тие се безвременски и со мирис на природата, на подгорските цветови и дрвја, како што сакал да пишува Подгорец.

Во рецензијата за книгата, д-р Ана Витанова-Рингачева вели дека пријателството помеѓу Киро и Видое е редок пример не само во писателските кругови, туку воопшто во човечките односи. Таа рече дека оваа книга е споменар за една искрена и безвременска поврзаност, а низ неа Киро се обидува да ги расветли сите сенки од името и лицето на Подгорец. Низ заедничките сеќавања, прикажувајќи го каков што бил-пргав, наврапит, но секогаш правичен и со љубов кон сите.

Промоцијата на романизираната биографија за Подгорец е дел од литературната манифестација за деца „Средби под јаворите-Видое Подгорец“ која годинава се одржува по 20-ти пат. Овие настани се и дел од програмата на „Струмица-град на културата 2021“.

Back to top button
Close