Пронајден е телефонот на исчезнатото момче, семејството бара помош од институциите!

Веќе три дена се трага по 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, кој на 30-ти јануари околу осум часот наутро, откако дал оставка на работното место во Кавадарци, заминал во непознат правец.

Од информациите кои ги има неговото семејство, тој најверојатно пеш тргнал од Кавадарци кон Неготино и околу 10.30 часот бил забележан кај селото Марена.

Вчера пак, мобилниот телефон му бил пронајден покрај реката Луда Мара, помеѓу Глишиќ и Марена, односно во близина на локацијата позната како Три багрема.

-За денес потрагата заврши, имаме доброволци од градот кои се мобилизираа, а исто така и полициските службеници трагаат по Миле. Целата река е проверена, посебно во тој дел каде беше пронајден мобилниот телефон на Миле, ништо не најдовме.

Вчера имаше и куче трагач, но исто така имаше и многу луѓе на местото, па најверојатно се помешаа траговите, кучето не успеа да намириса траг. Ние, семејството на Миле, ги замолуваме сите надлежни институции да дојдат со свои екипи и да ни помогнат во потрагата.

Само полиција и доброволци не се доволно, три дена поминаа! Апелираме до Центарот за управување со кризи, до специјалните единици кои имаат обучени нуркачи во своите тимови, да дојдат со термални камери, да се донесат повеќе дронови, бидејќи сме беспомошни, за ,,Фокус” раскажуваат сестрата и таткото на момчето.

Од СВР Велес потврдуваат дека исчезнатото момче се уште не е пронајдено. Во меѓувреме, семејството освен што апелира за помош од институциите, замолува и за помош од јавноста, доколку некој има било каква информација за случајот, веднаш да се јави во полиција.

Додаваат дека Миле може да биде било каде, и освен во областа каде бил пронајден неговиот мобилен телефон, потребна е опсежна потрага, затоа што можеби тој се наоѓал на некоја сосема друга локација.

Back to top button
Close