Пронајден мртов денеска разрешениот руски министер за транспорт
Рускиот министер за транспорт, Роман Старовоит, кој утринава беше разрешен од функцијата со указ на рускиот претседател Владимир Путин, во текот на денот беше пронајден мртов во Одинцово, во Московскиот регион, откако извршил самоубиство, објавија московска „Известија“ и Рен ТВ, повикувајќи се на свои извори.
Како што објавува Инфо24, телото на функционерот е пронајдено во неговиот дом во Одинцово, во Московскиот регион. Според информациите од каналот 112, поранешниот гувернер на Курската област Алексеј Смирнов, кој претходно беше уапсен за проневера при изградба на заштитни објекти, претходно сведочел против министерот, по што Старовоит беше разрешен од функцијата.
Путин на местото на разрешениот Старовоит за вршител на должноста министер за транспорт денеска го назначи Андреј Никитин.
Старовоит од мај 2024 година беше задолжен за транспортниот оддел, а на таа функција дојде како гувернер на Курскиот регион, наведоа руските медиуми.
Бриселскиот портал „Политико“ тврди дека Путин го заменил Старовоит откако Украина за време на викендот го загрози рускиот воздушен сообраќај.
Руската влада не даде официјално објаснување за смената на Старовоит, но промената дојде откако украинските напади со беспилотни летала за време на викендот предизвикаа хаос во воздушниот сообраќај во земјата, при што илјадници патници останаа заглавени на аеродромите поради откажани летови, пренесе бриселскиот портал.фото:ЕПА