Пронајдена тетратка стара 800 години во Германија
Средновековна тетратка, за која се верува дека му припаѓала на локален трговец, е пронајдена речиси недопрена во тоалет, во германскиот град Падерборн.На прв поглед, предметот што бил изваден изгледал како грутка влажна земја. Археолозите го опишале мирисот како „прилично непријатен“, но кога го отстраниле надворешен слој, откриле вистинско богатство. Според нив, влажната и херметички затворена земја ја зачувала средновековната тетратка од десет страници, чиј текст сè уште е читлив.
Откритието е опишано како „едно од најнеобичните средновековни откритија во регионот“. Покрај извонредната состојба на тетратката, археолозите очекуваат во неа да пронајдат вредни увиди од секојдневниот живот и условите за живеење во средновековна Вестфалија. Тетратката, стара помеѓу 700 и 800 години, врзана во кожа, дрво и восок, има димензии приближно 10 × 7,5 сантиметри. Осум од десет страници биле испишани од двете страни, додека првата и последната страница од една страна биле покриени со восок. Сè било сместено во кожна футрола со капак. Според археолошките докази, тетратката не била намерно фрлена, туку случајно паднала во тоалетот.
Во археолошкото соопштение е наведено дека површината на ова значајно откритие била украсена со втиснат шаблон, мали, правилни редови со лилјани. Можеби тоа ќе помогне да се открие нејзиното потекло и местото на изработка, во иднина.Текстот бил пишуван во две насоки. Тоа им укажало на археолозите дека предметот се користел како тетратка. Внатрешните страници биле цврсто поврзани, а дрвото не се деформирало, при што восокот и записот останале зачувани.Но и понатаму останува прашањето кој ја пишувал тетратката и за која цел служела. Според експертите, се претпоставува дека припаѓала на трговец кој запишувал деловни трансакции и свои мисли во форма на белешки.
Средновековниот текст е напишан на латински јазик, што укажува дека сопственикот бил образован. Трговците во тоа време биле меѓу ретките кои знаеле да читаат и пишуваат, соопшти Археолоджи њуз (Archaeology News)
Тогашниот инструмент за пишување бил зашилен на едниот крај за да ги врежува буквите во восокот. Другиот крај на алатката бил рамен или во форма на шпакла. Тоа овозможувало восокот да се измазни и текстот да се избрише, по што тетратката можела повторно да се користи. Во тек е подготовка на читлива верзија од средновековниот ракопис. Текстот е тешко читлив дури и за експертите, бидејќи само дел од зборовите може да се препознаат, а обработката ќе потрае поради можни грешки во оригиналниот запис.
На 21 мај ќе се објават дополнителни резултати од археолошкиот локалитет и ќе се организира тура со водич низ местото на ископувањето.






