Пронајдено оружје при претрес во Тетовско, лишени од слобода две лица, едното поради закана за масовно убиство, упатена преку интернет

Во координирана полициска акција во тетовскиот регион, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе две кривични пријави – една за тероризам против 20-годишен жител на Мала Речица кој на социјалната мрежа „Discord“ упатил закана за масовен вооружен напад и друга против 89-годишен маж за недозволено поседување и тргување со оружје. Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена по добиени информации од ФБИ и Амбасадата на САД, а при претресите биле пронајдени автоматско оружје, пиштоли и голема количина муниција.
Оттаму наведуваат дека осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, наведуваат од МВР, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца, тои во воопштението од МВР.

-По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско, стои во соопштението до МВР.
За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство, како што дополнуваат, биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои се предмет на кривично дело.
– Различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали, дополнуваат од МВР.
Оттаму посочуваат дека две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.






