Проширување на зарибаната ЕУ

Меѓусебните обвинувања на владејачката коалиција и опозицијата во Македонија, кој е за ЕУ и доближување до евроинтеграциите, а кој работи против таа стратегиска цел, се одвиваат речиси секојдневно како вербална лепеза на разни изјави и партиски соопштенија, во обидот да се создаде извесен впечаток дека во Брисел прашањето на проширување со нови членки е високо кренато како приоретитет на агендата на Унијата.

Оптимизмот се поттура пред јавноста со тврдења дека ЕУ се подготвува за натамошно проширување, така што европскиот пат е веќе отворен и ја чека Македонија да го забрза чекорењето во насока која веќе со децении се дефинира со дифузниот поим – „европска перспектива“. Во нашиот регион, – како што рече премиерот Ковачевски по средбата меѓу лидерите на албанските партии од Македонија и албанскиот премиер Рама, – постојат два концепта – европска интеграција на регионот и другиот концепт зад кој стојат политичари кои сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во ЕУ.

Дали Шведска, која по трет пат го презеде претседавачкиот мандат со ЕУ, и понатаму со имиџ на еден од најсилните приврзаници на процесот на проширување, може да ги потхрани надежите во чекалната пред Брисел? И тоа во услови, кога е веќе констатирано дека преземањето на претседавачкото кормило за Шведска се случува во најлошо време и околности што можат да се замислат.

Шведската влада веќе ги соопшти своите приоритетни прашања, за кои ќе се заложи во текот на полугодишниот претседавачки мандарт. Но, напоредно на тоа, не постои никакво сомневање дека најважно од сè ќе биде обидот да се спречи натамошно ослабнување на веќе јасно изразената кревка внатрешна кохезија на Унијата. Затоа се смета дека Шведска како претседавач би требало пред сè да се спротивстави на развојот што придонесува трвдокорниот антилиберален национализам да стане нормален тренд во ЕУ. Но тоа сепак би можело да се покаже како преамбициозна задача за актуелната шведска владина коалиција, која се смета за слаба и кревка, и која се соочува со истиот тој тренд на домашен план.

Обично се вели дека Европа се движи напред низ кризи, при што, доколку се повикаме на зборовите на големиот инспиратор, Жан Моне, проблемите не треба во прва рака да се сфаќаат како пречки, туку како лостови што состојбите ќе ги кренат на ниво на постигнат успех. Но тоа би можело да се рече за проблеми кое се решаваат, а не за оние што постојано се акумилираат и кои најпосле резултираат со привремени полурешенија.

Постојано се заговараше дека недостатоците во европската конструкција би требало да се решат со усвојување на нови ЕУ-договори, што ќе понудат нови, функционални и прифатливи решенија. Но тоа, всушност, само го одложуваше проблемот, како примена на тактика што подразбира бегање напред во некоја неодредена иднина, пред сè преку примена на правото на вето, а што во крајна линија претставуваше започнување на перманентна конституционална криза, која продолжи да се влошува преку сукцесивното проширување со нови членки (од 12 на денешните 27). Оттаму и неодоумиците и стравот, кој посебно го манифестираше Емануел Макрон, дека ЕУ би се соочила со егзистенцијална криза доколку проширувањето во догледна иднина сепак би продолжило (со прием во членството на Западен Балкан, и можеби и Украина).

ЕУ веќе со децении покажува знаци на зарибан механизам, кој функционира со големи тешкоти, минувајќи низ цела серија сериозни кризи – финансиската криза, бегалската криза, Брегзит, пандемијата и сегашната енергетска криза, како последица на тоа што Путин ги користи енергенсите како политичко оружје против Европа. И за внесување на уште поголем расчекор и неред во внатрешните односи во ЕУ.

Но едно нешто е повеќе од јасно. Согласноста и доближувањето на ставовите меѓу Германија и Франција, двете најмоќни ЕУ-членки, најчесто се опишува дека функционираат како мотор на европските интеграции. Кога меѓу нив постои консензус, Европа се движи напред, а кога согласноста ќе заглиби во ќорсокак, тогаш настапува стагнација. Засега несигурноста во однос на заземените позиции и ставови на европската политичка карта ја разнишуваат таа согласност, и значајно ги успоруваат интеграциите.

Токму кога енергетските прашања добиваат доминантно место во дискусиите во ЕУ, Франција се обидува да издејствува заедничка линија, додека пак Германија од своја страна се чини сака да избере свој засебен пат. На таков начин, токму енергетската политика, која до пред неколку години требаше да ја продлабочи ЕУ-соработката, станува прашање на дезинтеграција и разидувања.

Француско-германските односи се изложени на тешки искушенија во сенката на руската инвазија на Украина. Кои прашања и што е тоа всушност што неизбежно треба да се преиспита и превреднува? Како Германија ги дефинира своите позиции кон Украина. Канцеларот Шолц не чекаше многу за да потенцира дека Путиновата војна претставува пресвртница која бара германско вооружување, но тоа се случи без консултации со Франција, и наспроти волјата на претседателот Макрон да интензивира изградба на заеднички европски воени капацитети.

Шведското претседателство само ги наследи сите акумулирани кризи и проблеми. Веројатно воопшто не е тешко да се заклучи кои се приоритетите што неизоставно мора да ја пополнат агендата, во околности што моментно владеат во Европа, а кои ниту една земја-членка сигурно не би ги посакала во текот на својот претседавачки мандат со ЕУ. Шведската влада во своите програмски документи го наведува и прашањето на натамошното проширување на ЕУ, кое не треба да се заобиколи и за кое треба амбициозно да се работи. По се изгледа засега само како една посакувана и веќе со години добро преџвакана политичка симболика, која најблаго речено во моментов само ја дели судбината на зарибаниот ЕУ-механизам.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close