Простувањето нѐ прави посилни

Ниту еден ритуал за мене во детството не беше обвиен со толкава таинственост како „Неделата на простувањето“, народски наречена „Прочка“. Тоа е празникот што православните христијани го прославија вчера. Во мојот детски ум не можев да си замислам која „сила“ ги натерала тие роднини – наши или роднини на комшиите – за кои сите знаевме дека цела година беа толку лути едни на други, што посакуваа никогаш повеќе да не се видат, сепак, на „Прочка“ да дојдат кај најстариот член на фамилијата и да побараат прошка едни од други! Тој празник помагаше „кавгите“ и „расцепите“ во фамилиите да не траат подолго од една година.

Силата на прошката во семејството

Во нашата фамилија на „Прочка“ се одеше кај прабаба ми по мајка. Таа беше неприкосновен авторитет во фамилијата – не по строгоста, туку по добрината, мудроста и долгото животно искуство. Никому не му земаше ништо за зло, сѐ простуваше и сметаше дека за христијаните најстрашното нешто се клетвите и омразата. Имаше сѐ изгубено во Граѓанската војна во Грција, но никогаш не зборуваше со омраза за Грците. Велеше дека злото се војните, а не луѓето.

Споменот на „Прочка“ за мене е полн со светлина, а таа зрачеше цел ден од лицето на прабаба ми. Таа брзаше да ги прими тие што беа долго за нешто „налутени“, како да го прима самиот Господ – со огромна радост! Нас, правнуците, на тој ден таа нѐ собираше околу себе со особена благост, а напати и со солзи што не се забележуваа веднаш зад очилата со дебело стакло. Тоа што ѝ ја бакнувавме раката кога ќе нѐ даруваше со пари (кои никогаш не беа многу!) за нас, децата, не беше патријархална потчинетост, туку само игрив ритуал, затоа што знаевме дека таа никогаш не беше строга и последниот залак ни го даваше нам. Нѐ учеше никогаш да не ги паметиме навредите, туку брзо да ги забораваме, зашто ако не ги заборавиме, тие ќе владеат со нас.

Секако, таа имаше длабока вера во Бога и ја следеше христијанската заповед за љубов кон тие што нѐ мразат, тие што ги доживуваме како наши непријатели. Притоа, со љубовта кон непријателите, на која повикува Христовата заповед, не се мисли на романтична, сентиментална љубов, туку на тоа да не им посакуваме зло и несреќа на тие што нѐ мразат, туку да простуваме и брзо да се измируваме. Мајка ми подоцна нѐ учеше да не заспиеме пред да се измириме со ближните со кои, случајно, тој ден сме се скарале.

Оваа заповед за простување и измирување се среќава во сите светски религии, а тоа сведочи дека таа има клучно значење не само за личностите, туку и за заедниците.

 

Омразата како автодеструкција

Модерната психологија укажува дека омразата е патологија и најнапред го повредува тој што е исполнет со неа. Не е силен човекот што може да мрази некого со години, туку тој што има сила брзо да прости, бидејќи човекот што мрази самиот гори во огнот на омразата.

Никогаш не го заборавив делото на Арнолд Шенберг (Arnold Schönberg), кое со ликовни средства толку јасно го изразува ова суштинско сознание за омразата. Малкумина знаат дека прочуениот австриски композитор, таткото на атоналната музика, бил и сликар и пријател на Василиј Кандински. Пред многу години, на една изложба на Шенберг во музејот „Лудвиг“ во Келн, го видов неговото дело со наслов „Омраза“ („Hass“). Претставен беше маж со избезумени, оџагорени очи, чија коса гори во силен пламен. Косата беше насликана така што на прв поглед се чинеше дека тоа е човек со густа, бушава црвена коса. Одблиску стануваше јасно дека станува збор за пламени јазици. Тоа значи дека тој што мрази прв согорува во пламенот на омразата.

Сликата на Шенберг е најдобриот израз за самодеструктивноста на омразата, на злопаметењето и, во крајна линија, за неспособноста да се прости. Тој што одлучува да прости не е веќе жртва на затворениот круг на омразата, а со тоа докажува дека е посилен од тој што мрази.

 

Простувањето и резилиентноста

Модерната психологија ја истражува поврзаноста на простувањето со резилиентноста на личноста. Тоа што луѓето на кои некогаш им е направена неправда, особено од многу блиски луѓе, од разбирливи причини и поради длабока траума, одлучуваат никогаш да не им простат, според најновите научни сознанија не е надминување и зацелување на повредата. Резултатите од многу клинички студии потврдуваат дека луѓето што имаат изразена способност да простуваат се посреќни и поретко страдаат од психички заболувања. Значи, способноста да се простува им помага да станат посилни и поотпорни личности, а има индиции дека простувањето го зголемува самочувството и им помага на луѓето да негуваат стабилни социјални контакти.

 

Во таа смисла, способноста за простување е значајна етичка вредност и доблест, на која се учиме уште во детството од однесувањето на најважните личности – родителите, но и од постарите роднини. Така децата, и како возрасни личности во општеството, ќе се однесуваат одговорно и солидарно, ќе имаат сочувство кон другите и ќе бидат подготвени полесно да ги надминуваат конфликтните состојби.

 

Дигиталната ера и ширењето на омразата

Живееме во време на најмодерната дигитална техника, но, парадоксално, таа стана средство за ширење примитивна идеологија на омраза, поткрепена со лаги и теории на заговор. Сето тоа само го „храни“ стравот кај некритичките корисници на социјалните мрежи, а несвесниот импулс на стравот е секогаш омраза кон тоа што ни се сугерира како различно од нас самите, па затоа нѐ загрозува. Тие политички центри што шират лажни вести и теории на заговор имаат намера да создаваат лажна слика за другите и со тоа да предизвикаат расцепи, раздори и непријателство.

 

Парадоксално, среде христијанската цивилизација која се темели на пораките од Евангелието за мир и простување, денес постои едно царство на лажни вести, на конспирации и на ширење омраза. Има православни земји што објавуваат официјални списоци на „непријателски“ народи и држави. Очигледно, за луѓето денес нема ништо поуверливо од лагата во виртуелниот простор. Затоа тие брзо забораваат дека плодовите на омразата се расцепите и раздорите, а тие сами по себе се болна состојба токму за оној што се наоѓа во расцеп со другите.

 

Историски примери на национално помирување во Европа

Секако, процесот на простување помеѓу соседни народи што во минатото имале негативни искуства – како поробувачи или поробени – е долг. Тој беше долг и во европската практика по Втората светска војна и се нарекува процес на измирување и пријателство. За тоа се неопходни и симболични активности. Така француско-германското пријателство по војната започна преку пријателството на Де Гол и Аденауер, кое потоа доби симболичка вредност. Исто беше и со полско-германското помирување и простување. Во последново значајна улога имаше Полската католичка црква со декларацијата упатена до Католичката црква во СРГ, во која беше истакнато дека полските христијани „простуваат и бараат прошка“.

А што се случува на Балканот? Всушност, ништо ново. Минатото и денес трае многу долго, владее со сегашноста, а иднината никако да дојде, како што велеше Горан Стефановски. (Dw)

 

Кица Колбе

Back to top button
Close