„Простуваме и бараме прошка“

Националните православни цркви кај словенските, кај балканските народи отсекогаш беа и уште се творците на националната и националистичката идеологија во создавањето на националните држави. Пишува Кица Колбе, пренеаува Дојче веле

Има зборови кои стануваат пророчки затоа што го изговараат незамисливото за своето време. Таква е реченицата „простуваме и бараме прошка“ во контекст на германско-полскиот процес на помирување. Изречена беше на 18-ти ноември 1965-тата, во прочуеното писмо на полските до германските католички бискупи. Секако, и тоа имаше предисторија. Нему му претходеше декларацијата на  германската протестантска црква од 1-ви октомври 1965-тата. Во неа беше истакнато  дека протерувањето на Германците беше последица на Втората светска војна која ја започна Хитлерова Германија.Тоа во тогашниот миг беше незамислив чекор за милиони протерани Германци.Тие го истакнуваа  нехуманото протерување, но не прифаќаа зошто токму  тие морале да ја сносат казната за страдањата предизвикани од Хитлертовата армија. Протестантската црква во Германија го повика германскиот народ на  помирување со полскиот. Неколку недели подоцна, во рамките на разговорите  при Вториот ватикански собор во Рим (1962-1965), полските бискупи им го врачија прочуеното писмо на своите германски собраќа во Христа. Германскиот одговор уследи многу брзо, на 5-ти  декември, а го составија двајца германски бискупи од  ГДР, од градовите Герлиц ( на полски, Згоржелец) и од Берлин, двата поделени со граници и ѕидови.

Преписката на католичките бискупи, но и декларацијата на протестанската германска црква се сметаат за  најважните темели  во германско-полското помирување, иако тогаш никој не веруваше дека  е дојдено времето за такво нешто. Дури пет години подоцна, 1970-тата, Вили Брант коленичеше пред споменикот во еврејското гето во Варшава, кога ги потпиша и договорите за пријателство со Полска и со Советскиот сојуз. Една година подоцна, 1971-та, Георг Екерт им понуди на своите полски колеги во комисијата на УНЕСКО да започне со работа германско-полската историска комисија, која работи до ден-денес.

Polen I Willy Brandt I Kniefall in Warschau

Германскиот канцелар Вили Бранд на колена пред споменикот во еврејското гето во Варшава

Тогаш, 1965-тата, од крајот на војната беа поминале само дваесет години. Паметењето на меѓусебните војни, на логорите на смртта во Аушвиц, на милионите жртви беше сеприсутно од двете страни на границата.Иако малкумина говореа гласно за  тоа време. Најголемиот дел од Германците сакаа да го заборават времето на Третиот Рајх. Иако уште раните од војната не беа зацелени. Уште протераните Германци од некогашните германски покраини во Полска, од градовите Бреслау или Данциг, се надеваа дека ќе се вратат во своите напуштени домови. Иако знаеја дека тие сега се викаат Вроцлав и Гданск.  Дека во нивните домови беа населени Полјаци. Кои и самите беа протерани од Источниот дел на Полска, затоа што тој по војната му припадна на Советскиот сојуз. Протераните Германци, какви што беа  фамилиите на мојот свекор и свекрва, долго не можеа да ги прифатат новите политички граници. По војните настанува небаре „глуво доба“, затоа што никој нема храброст да  го надмине молкот предизвикан од траумата. Дури и тие што успеваат да го заборават стравот и ужасот, немаат сила да си замислат нова реалност. Кога на сето тоа ќе се  додаде небаре оловната атмосфера на затвореност во воено-политичките блокови во два спротивставени политички система, капиталистичкиот и социјалистичкиот, разбирливо е дека за најголемиот број Германци и Полјаци  беше незамисливо помирувањет. Од двете страни на  границата трауматизираните од војната беа уверени дека никогаш не ќе можат да простат.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close