Просветниот инспекторат ќе врши вонреден надзор во „Песталоци“ по трагедијата со шестгодишната Катја
Државниот просветен инспекторат најави вонреден инспекциски надзор во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската општина Центар, каде што учела шестгодишната Катја Јовановски, која трагично го загуби животот заедно со нејзината мајка Ивана по пад од зграда во Карпош.

Од Инспекторатот информираат дека ќе извршат надзор согласно своите законски надлежности, со цел да се утврди дали училиштето постапило со должно внимание во случајот. Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, образовните институции имаат обврска да пријават сознанија за постоење семејно насилство до полицијата или до Центарот за социјални работи.
Членот 41 од Законот предвидува дека одговорните лица во институциите од областа на образованието, социјалната заштита, здравството и внатрешните работи се должни да пријават ако имаат сознанија за родово-базирано насилство или семејно насилство. Дополнително, кога постои непосредна опасност по животот и телото на жртвата, тие се должни да го известат и Јавното обвинителство.
Дента кога се случила трагедијата, Катја била на училиште до околу пладне. Потоа, според неофицијални информации, таа со родителите се упатила кон станот во Тафталиџе. Истиот ден мајката Ивана имала закажано состанок во Центарот за социјални работи – Скопје во врска со претходно пријавено семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски, но на состанокот не се појавила.
Од училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ не дадоа подетални информации за случајот. Од таму посочија дека за сите преземени активности и мерки се известени надлежните институции, но дека не можат да споделуваат дополнителни детали поради чувствителноста на настанот






