Протекоа снимки од разговори помеѓу министрите за надворешни работи на Орбан и Путин: пренесувани се доверливи информации

Протечени аудио-снимки од телефонски разговори меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и неговиот руски колега Сергеј Лавров откриваат длабока и контроверзна соработка меѓу Будимпешта и Кремљ, објавија меѓународни истражувачки редакции.

Според објавеното, Сијарто во разговорите пренесувал доверливи информации од состаноци во Брисел, се обидувал да отстрани руски имиња од санкциските листи на Европската унија и нудел поддршка за руски компании погодени од санкциите.

Во еден од разговорите, Лавров барал интервенција за сестрата на рускиот олигарх Алишер Усманов да биде тргната од санкциската листа. Сијарто одговорил дека ќе направи сè што е можно, најавувајќи координација со Словачка за поднесување предлог во ЕУ. Подоцна, барањето било реализирано.

Снимките покажуваат и неформален и блиски тон меѓу двајцата министри, при што заедно ја критикувале Европската унија и нејзините политики, особено во однос на поддршката за Украина.

Дополнително, во разговорите се наведува дека унгарскиот министер редовно ги прераскажувал дискусиите од состаноците на Советот за надворешни работи на ЕУ, вклучително и внатрешни несогласувања меѓу министрите.

Европски дипломати оценуваат дека ваквата комуникација наликува на однос меѓу оперативец и извор, што отвора сериозни сомнежи за улогата на Унгарија во рамки на ЕУ и НАТО.

Унгарската влада ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како пропаганда, додека ниту Сијарто ниту Лавров не одговорија на новинарските прашања поврзани со објавените снимки.

Back to top button
Close