Протест: Има ли предрасуди во (не)постапувањето на обвинителството?

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ), денеска 29 ноември 2021, со почеток во 11 часот, на платото пред Јавно обвинителство ќе одржи прес конференција и протест за (не)постапувањето на ОЈО за нападите врз ЛГБТИ активистите.

Цели седум години по насилничкиот напад во Дамар за време на роденденот на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Јавното обвинителство деновиве достави, благо речено, СРАМЕН ОДГОВОР на поднесената кривична пријава, наведувајќи дека не располага со технологија за распознавање на лицата кои се снимени како го вршат нападот. Девет години по нападот врз ЛГБТИ Центарот во Старата скопска чаршија, сѐ уште немаме НИКАКОВ ОДГОВОР од обвинителството. Нема НИКАКОВ ОДГОВОР и за три други напади насочени кон ЛГБТИ заедницата, а мотивирани од предрасуди, нетрпеливост и омраза.

Овој дрзок и непрофесионален однос од институција која би требало да обрнува посебно внимание на злосторствата извршени од омраза, нѐ остава со неизбежното прашање – не дали, туку кого штити обвинителството? Дали има одредени групи и поединци за кои не смее да се постапува? И дали има одредени групи, како што се социјално маргинализираните, ЛГБТИ лицата или жените-жртви на сексуално насилство, кои практично немаат никаква заштита од обвинителството и честопати се подложени на двојна виктимизација токму од страна на институциите.

Ова не е прва реакција на граѓанските организации за работата на обвинителството, но со оглед на немањето слух и отсуството на промени во дејствувањето, нема да биде ни последна. Сметаме дека недовербата на граѓаните во системот и вкупната состојба со владеењето на правото, во голем дел се должи токму на потфрлувањето на обвинителските органи да ја извршуваат својата надлежност доследно и професионално.

 

Back to top button
Close