Протест на албанската опозиција пред Владата во Тирана

Илјадници граѓани се одзваа на повикот на опозицијата за вечерашниот протест, против, како што порачаа, луксузот и корупцијата на Владата на Рама, единствената нарко-држава во Европа.

Приврзаниците на опозицијата на овој митинг го донесоа и „Доналд Трамп“, на транспарент на кој беше истакната фотографија од американскиот претседател до Сали Бериша.

На протестот пред Владата неколку опозиционери одржаа говори, меѓу кои и лидерот на Партијата на слободата, Илир Мета, преку аудиопорака од неговата затворска ќелија, кој меѓу другото порача дека „Рама се обидува да ги излаже Албанците за нереализираните ветувања во изминатите 12 години од кога е на власт“.

Кога на говорницата се појави лидерот на Демократската партија, Сали Бериша учесници на протестот почнаа да фрлаат пиротехнички средства, од кои беа повредени тројца полициски службеници.

– Ние сме единствената политичка сила која ќе урне две диктатури, онаа на Енвер Хоџа и на 11 мај, онаа на Еди Рама. Да живее Демократската партија. Пријатели, уште еднаш криминалот е против нас, политичкото обвинителство и судовите на наркодржавата се против нас, но ние повторно сме непоразени и стоиме како ѕид во нашата победа. Ние сме непобедливи, затоа што браниме праведна кауза. Непобедливи сме затоа што ги браниме највисоките човечки вредности, ја браниме слободата, националниот интерес, човечкото достоинство, семејството, нацијата, истакна Бериша.

Тој наведе дека е убеден во победата на парламентарните избори на 11 мај и најави дека вечерва патува за Рим на средба со албанската дијаспора во Италија.

На протестот не останаа незабележани меѓународните настани. Некои демонстранти носеа транспаренти со пречкртани ликови на Џорџ Сорос и Еди Рама, поддржувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп за мерките против „коруптивните зделки во САД и со фондовите на УСАИД, од кои и Албанија е дел“. Некои пак, зад враќањето на Трамп го гледаат враќањето на Бериша, за кого сметаат дека „бил идентично прогонет од обвинителите финансирани од Сорос во САД и Албанија“.

За безбедноста на протестот беа ангажирани над 1300 полициски службеници од сите сектори.

Back to top button
Close