Протест на опозициската Републиканска народна партија во Анкара
Во близина на централниот плоштад Кизил во Анкара вечерва се одржува голем протест на турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Протестот уследи по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и многу други високи членови на ЦХП.
Демонстрантите скандираат „Оставка на Владата“, „Оставка Тајип“, „Продолжуваме со борбата, ова е само почеток“, „Проклета да е диктатурата на АКП“ (владејачката Партијата на правдата и развојот).
На Имамоглу му е одреден притвор во истрага за корупција.
Одлуката за негово приведување доаѓа откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Овој потег, кој се случува само неколку дена пред ЦХП да го избере за свој кандидат на следните претседателски избори, претставува сериозен удар за опозицијата. Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател.
Имамоглу оцени дека одлуката на Универзитетот е незаконска и дека ќе ја оспори на суд.
Во меѓувреме, локалната власт на Истанбул воведува четиридневна забрана за јавни собири и протести, во периодот од денеска до 23 март, со цел да се „одржи јавниот ред и да се спречат потенцијални провокации“.
Според соопштението на Главното државно обвинителство, истрагата против Имамоглу е поврзана со наводни незаконски тендери и случаи на поткуп.
Имамоглу, кој во 2019 година беше избран за градоначалник на Истанбул, е еден од најголемите политички ривали на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година