Протест на превозниците: Блокиран сообраќајот за камиони на сите гранични премини
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија, соопшти АМСМ.

Од 12.20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато.
Од 12 часот пред ГП Долно Блаце почнат е протест на превозници со тешки моторни возила поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП „Дизел“, а другиот сообраќај се одвива нормално.
Од 12 часот почнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село.
Засега блокиран е само сообраќајот за тешки товарни возила за излез од државата, а за другите категории возила се одвива непречено.
Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека од денеска ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната. Се бара решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
– Протестот во сите четири држави ќа почне во 12 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00.00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот. Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија, „Макам-транс“.




