Протест на студентите за полагање правосуден испит на албански јазик

Денеска, со почеток во 12:30 часот од страна на група граѓани ќе се организира протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит. Протестот ќе започне од пред плоштадот „Карпошово востание“, улицата „11-ти Март“ преку Камени мост, продолжува по улицата „Никола Вапцаров“ и завршува на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерство за правда. Сообраќајот од овие улици ќе биде пренасочен, а МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Во пресрет на најавениот протест за полагање на правосудниот испит на албански јазик, градоначалникот на Чаир Изет Меџити повика на поголема свесност кај политичките и општествените актери, оценувајќи дека станува збор за прашање кое бара системски пристап.

Според него, во мултиетнички држави како Македонија, политичките елити имаат обврска континуирано да градат правни и институционални политики кои го одразуваат мултиетничкиот карактер и различноста на општеството.

„Јазичната политика во Македонија, за жал, е уредена со половичен закон. Половични закони даваат половични решенија“, посочува Меџити.

Тој нагласува дека протестот не треба да се гледа како политизација, туку како повик за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики.

„Протестот е повик за освестување за сите политички и општествени актери кои треба да придонесат за подобри решенија. Студентските протести секогаш се аларм за појави во општеството кои политичките структури имаат обврска да ги третираат целосно“, наведува Меџити

Премиерот Мицковски вчера прашан за протестоот ги повика студентите да не прифаќаат манипулација од опозициска партија која дваесет години додека била на власт не го решила и сега заради политички поени ги организира да протестираат. Тој порача дека владата ќе формира комисија која ќе донесе одлука врз основа на законите и уставот на државата.

Доколку образовниот процес на студентите четири години се одвивал на јазик различен од македонскиот, во овој случај на албански јазик, тие мора да можат да го полагаат и правосудниот испит, кој е на некој начин завршен дел од образованието во таа област – кривична, правна, граѓанска. Во спротивно, тие студенти би биле дискриминирани при полагањето на правосудниот испит во однос на колегите чиј мајчин јазик е македонскиот, доколку испитот треба да го полагаат само на македонски јазик. И тука, во таа смисла, завршува дебатата, изјави во интервју за Нова проф. д-р Љубомир Фрчкоски

Од Министерството за правда велат дека се отворени за соработка и дијалог. Посочуваат дека станува збор за стручен испит, а не управна постапка. Како и претходно, велат дека правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, при што законите предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close